Прв пат се омажила на 13 години
Жозефин Бејкер имала неверојатно груб почеток на животот. На пример, сè уште не се знае кои ѝ се родителите. Официјално, водвиљ-тапанарот Еди Карсон се смета дека ѝ е татко, но можно е да се работи за белец кој ја забременил мајка ѝ. Како дете избегала од дома и учела од улица; почнала да работи кога имала осум години за семејство белци и ја малтретирале. До 12 години веќе се имала откажано од школо и спиела во картони, копајќи по ѓубре за храна и заработувајќи за живот со танцување по улици. За жал, ова ја направило мета на предатори, како еден 50-годишен гостин во барот каде што била келнерка. Ја оженил на 13 години и живееле заедно една година пред мајка ѝ да дознае и да го растури бракот. Втор пат се мажи на 15, за Вилијам Хауард Бејкер, а се разделуваат две години подоцна кога Жозефин оди во Париз, но професионално продолжува да го користи презимето до крајот на животот.
Била многу добар таен агент (и избегнала смртоносна вечера со нацистите)
Кога францускиот воен офицер Жак Абти ѝ пришол на Жозефин со предлог да го искористи нејзиниот ѕвезден статус и да стане шпион за францускиот отпор, со задоволство прифатила. Му рекла:
„Франција ме направи тоа што сум. Парижаните ми ги подарија срцата, па јас сум спремна да им го подарам животот.“
Статусот што го уживала го искористила да собира информации и тајни што потоа ги криела меѓу ноти, запишани со невидливо мастило - германски воени стратегии, движења на војска… Граничарите и цариниците немале поим. Шиела тајни пораки во долната облека и важни фотографии во фустаните.
Жозефин го искористила својот профил и за обезбедување пасоши за Евреи кои бегале од нацистичка територија. Но, кога се омажила за еврејскиот бизнисмен, Жан Лион, му привлекла внимание на Геринг лично, кој ја поканил на вечера во куќата во Париз што гестапо ѝ ја конфискувале. Планирал да ја убие и договорил да ѝ се стави цијанид во рибата. Ја предупредиле, па Жозефин се обидела да се извади кога ѝ ја сервирале рибата, но Геринг веќе се сомневал и ја принудил да ја изеде со пиштол, пред да ѝ дозволи да се повлече во бањата. Жозефин успеала да избега преку цевката за алишта за перење, од каде што колегите од отпорот ја однеле на лекар да ѝ го испумпаат стомакот. На крајот на војната, добила медал Легија на честа, Кроа де Гер и Розета на Отпорот.
Гепардот на Жозефин го тероризирал бендот
Познати се сликите од Жозефин како шета и позира со нејзиниот сакан гепард, Чикита. Она што многумина не го знаат е дека Чикита била и дел од настапот. За „зачинување“ на настапите, Жозефин ѝ дозволувала на Чикита да се шета меѓу публиката и да ги вади музичарите на сцена од памет. Многу сакала животни и имала и коза со име Тутут што живеела во нејзината соблекувална и прасе - Алберт што живеело во кујната на клубот и јадело остатоци од храна.
Двајца мажи влегле во дуел за нејзината љубов
Жозефин имала многу обожаватели, меѓу кои и Пикасо, кого го викала „смешен, мал буцко“. Хемингвеј ја нарекол „најсензационалната жена некогаш видена“ и со часови разговарале по барови во Париз. Била во врска со шеици и наводно низ нејзиниот кревет (во форма на лебед) поминал и шведски принц. Се зборува дека има добиено околу 1500 предлози за брак, а за време на една од турнеите низ Будимпешта, унгарски коњанички офицер малку претерал со додворување - до тој степен што нејзиниот тогашен дечко и менаџер, италијанскиот „Гроф“ Пепито го предизвикал на дуел со мечеви. И навистина се случил дуелот, на едни гробишта каде што Жозефин гледала од далеку седната на надгробна плоча. Ја прекинала битката кога Грофот се повредил и пред да извадат пиштоли.
Ја сметале за мртва за време на Втората светска војна
Додека работела за отпорот во Мароко, имала спонтан абортус, а по него и инфекција. Толку ѝ било лошо што докторите морале да направат комплетна хистеректомија. После операцијата, се направила сепса. Траумата што ја преживало нејзиното тело толку ја уништила што почнале да се шират гласини дека е мртва. Ленгтон Хјуз дури и помогнал да се напише некролог за Чикаго Дефендер:
„Бејкер беше толку жртва на Хитлер колку и војниците што денес паѓаат во Африка борејќи се со неговите војски. Ариевците ја оттргнаа Жозефин од нејзиниот сакан Париз.“
Жозефин брзо ја исправила оваа работа со интервју во Афро-Американ кога рекла:
„Има мала грешка, премногу сум зафатена за да умрам.“
Од картонски кутии до сопствен замок во Франција
Во 1947, Бејкер си го дозволила Шато де Миланд, каде што еднаш спиел и Луи 14. Замокот е денес отворен за јавноста како музеј, каде што се изложени нејзините славни костими, меѓу кои и појасот направен од банани.
Се вљубила во овој замок како од „Заспаната убавица“ во 1930-те, почнала да го изнајмува во 1940-та и не ја пропуштила шансата да си го купи после војната и да го трансформира во сопствена утопија. Го создала „Глобалното село“ таму, посвоила 12 деца од цел свет (од Јапонија до Финска, од Алжир до Перу), кои ги нарекувала „виножито-племе“. Планот ѝ бил да го прикаже своето семејство како пример за светот.
„Сакам да им покажам на луѓето во боја дека не се сите белци сурови и злобни,“ има кажано Бејкер.
Замокот бил отворен за посетители и додека уште живеела таму, со восочни фигури од важните моменти во нејзината кариера. Имало доволно материјал, со оглед на тоа што проживеала многу животи пред да стигне до средната возраст.
За жал, ја измамиле бескрупулозни градежници, кои на крај ја оставиле во долг и го изгубила замокот. Во 1964 и покрај молбите на нејзината пријателка Брижит Бардо до францускиот народ, Миланд бил ставен на аукција и продаден. Кога Жозефин дознала дека новиот сопственик го понудил замокот за инвестиција, сензационално влегла во замокот и се забарикадирала во кујната. Ја истерале и ја однеле во болница. На 62 години, Жозефин се скрасила на Азурниот брег со помош на принцезата Грејс Кели од Монако, со која станале блиски пријателки откако Кели бесно излетала од ноќен клуб во Њујорк каде не ја пуштиле Жозефин затоа што е црна. Грејс Кели била и на последното шоу на Жозефин во 1975, заедно со Софија Лорен која го отворила шоуто со овации.
Жозефин починала во сон, опкружена со блескавите критики на нејзиното финале. Некои веруваат дека умрела од среќа.