- Иако сум свесна дека усаидизацијата (да употребам еден нов, но популарен термин) на Македонија ги зафати и академските аули, како и невладиниот сектор (кој повеќе беше меѓународен отколку владин), сепак најстрашна ми се чини моќта на контаминацијата на медиумите. И не е дека не знаевме: во одјавните шпици на популарните дебатни ТВ-емисии секогаш најтранспарентно стоеше и името на донаторот.
- Ако почнам да ги редам сите што се офајдиле од УСАИД и други странски донатори во сферата на медиумите, ќе нема место за поента во оваа колумна. Заклучокот е дека овде не вирее НИШТО независно, израснато одоздола (grass-root), и затоа сега пискотници се слушаат од секаде. Без странските донации немаше да има ни студентски протести, ни Шарена револуција – т.е. редно е да признаеме дека Груевски беше жртва на однадвор инспириран и спроведен проект на смена на режим.
- УСАИД не е мртов. Таа агенција минува низ нова трансформација соодветна на трансформацијата на дворот на феудалниот монарх Трамп. Не грижете се, ќе им најдат други задачки, кои овие истите ќе ги извршуваат како вредни и лојални сахиби.
- Премиерот Кир Стармер најави дека Британија ќе ја признае државата Палестина во септември на Генералното собрание на Обединетите нации, освен ако Израел во меѓувреме не преземе „значителни чекори за да запре ужасната ситуација во Газа“, вклучувајќи прекин на огнот и обврзување на долгорочен мировен процес.
- Израел му возврати исто како на најавата на францускиот претседател Макрон: „Одлуката за признавање на Палестина би била награда за Хамас и би ги нарушила напорите за прекин на огнот“.
- Опозициските либерали го повикаа Стармер да ја признае Палестина веднаш и да не ја користи како закана за притисок врз Израел.
- Американскиот претседател Доналд Трамп, кој само неколку часа претходно се сретна со Стармер, изјави дека не разговарал за признавање на Палестина: „Ќе испратиме многу пари таму и храна“.
- Владата на Нов Зеланд воведува закон што ќе ги остави без право на глас многумина избирачи. Ќе им биде одземено правото на глас на лицата што издржуваат затворска казна. Граѓаните повеќе нема да можат да се регистрираат за гласање на денот на изборите. Тоа ќе мора да го сторат најдоцна 13 дена пред отворањето на гласачките кутии.
- „Се исфрлаат застарени и неодржливи правила за гласање. Пакетот амандмани ќе го засили системот, ќе помогне навремени резултати, ќе ги намали трошоците и ќе им понуди поефикасни услуги на гласачите“, изјави предлагачот на законот, министерот за правда Пол Голдсмит.
- Јавната обвинителка Џудит Колинс оцени дека законот може да падне пред уставен суд поради судир со правото на слобода на изразување и со правото на гласање.
- „На изминатите избори 97.000 луѓе првпат се регистрираа на денот на гласањето, а уште 134.000 ги променија изборните единици. Приближно толку луѓе ќе бидат погодени од новите правила“, изјави Колинс.
- „Треба да им олесниме на луѓето да гласаат, не да им биде потешко. Така ќе се слушне сечиј глас“, коментира Данкан Веб, пратеник од опозициските лабуристи.