- Пентагон тврди дека американските напади врз иранските капацитети ја вратиле назад нуклеарната програма на Иран за една до две години.
- САД на 22 јуни нападнаа три ирански нуклеарни капацитети со десетина бомби „бункербастер“ од 13,6 тони и со дваесетина крстосувачки проектили „томахавк“. Претседателот Трамп го опиша нападот како „еден од најефикасните во историјата“, но од Пентагон протекоа документи што укажуваа дека постројките не биле сериозно оштетени, а Иран го префрлил збогатениот ураниум на други локации.
- „Ја деградиравме нивната програма за една до две години, барем така кажува внатрешната проценка во Пентагон. Сите разузнавачки податоци што досега ги имаме ни укажуваат дека иранските капацитети, особено тие што ги погодивме, се целосно уништени“, изјави портпаролот Шон Парнел.
- Рафаел Гроси, шефот на агенцијата на ОН за нуклеарна енергија, во неделата изјави дека Иран би можел по неколку месеци да го продолжи процесот за збогатување ураниум.
- Министрите и пратениците од израелската владејачка партија Ликуд побараа од премиерот Бенјамин Нетанјаху да прогласи анексија на палестинската територија Западен Брег пред да се распушти Кнесетот на крајот на овој месец.
- „Ние, министрите и членовите на Ликуд од Кнесетот, бараме итно да се наметне израелски суверенитет и законодавство во Јудеја и Самарија“, пишува во петицијата, во која се користат библиските називи за територијата окупирана од Израел во војната во 1967 година.
- Израел го контролира поголемиот дел од Западниот Брег и со нови доселенички населби ја проширува окупираната територија. По 1967 година изградил 160 населби за околу 700.000 еврејски доселеници, додека 2,7 милиони Палестинци се концентрирани во урбаните центри на Западниот Брег.
- Министрите од Ликуд тврдат дека терористичкиот напад на Хамас на 7 октомври 2023 година покажал дека концептот на блокови од доселенички населби заедно со прогласувањето на Палестина како држава претставува егзистенцијална закана за Израел.
- „Мора да се отстрани егзистенцијалната закана од внатре и да се спречи нов масакр во срцето на земјата“, наведуваат министрите и пратениците од Ликуд.