- Две лица загинаа од пиротехнички средства, десетици граѓани и полицајци се повредени и изгоре стара црква во масовни огномети на пречекот на Новата година во Холандија.
- Момче од Нијмехен и маж во Алсмер загинаа во инциденти со огномет. Во Амстердам пиротехника ја запалила црквата Вонделкерк од 19-ти век. Изгоре и се урна кулата висока 50 метри, покривот е сериозно оштетен, но структурата останала здрава.
- Кон полицајците распоредени да ги смират нередите на уличните прослави во Бреда биле фрлани молотови коктели, а биле нападнати и пожарникари што интервенирале на пожари. Уапсени биле повеќе од 250 луѓе.
- Холанѓаните потрошиле 129 милиони евра на ракети и петарди на последниот дочек на Новата година на кој беше дозволена употреба на пиротехнички средства. Од 2026 година со закон е забранета продажба и употреба на петарди и ракети. Здравствени работници, полициски синдикати и пожарникари со години инсистираа на забраната.
- Венецуела е отворена за преговори за договор со САД за борба против трговијата со дрога, изјави претседателот Николас Мадуро, во снимено интервју додека вози автомобил.
- Спроти новогодишната ноќ американската војска објави дека извршила напади врз пет бродови што наводно шверцувале дрога од Венецуела. Досега беа нападнати 35 бродови и беа убиени најмалку 115 луѓе, според бројките на Пентагон.
- Мадуро оцени дека цел на американските напади е промена на власта во Венецуела и пристап до нејзините огромни нафтени резерви.
- „Јасно е дека сакаат да се наметнат преку закани, заплашување и сила... Ако сакаат сериозно договор за борба против трговијата со дрога, ние сме подготвени. Ако сакаат нафта, Венецуела е подготвена за американски инвестиции, како со Шеврон, кога сакаат, каде сакаат и како сакаат“, изјави Мадуро. Шеврон е единствената голема нафтена компанија што извезува венецуелска сурова нафта во САД. Венецуела има најголеми докажани резерви на нафта во светот.
- Мадуро одби да го коментира нападот на ЦИА со дронови врз венецуелско пристаниште што наводно го користеле наркокартелите. Најави дека за тоа „ќе може да зборува за неколку дена“.