- Тадеус Дениел Пирс, здраво машко бебе родено во саботата во Охајо го собори рекордот како „најстаро“ во светот, од ембрион што бил замрзнат во 1994 година.
- По седумгодишни неуспешни обиди да имаат заедничко бебе, родителите Линдзи (35) и Тим (34) Пирс прифатиле да го „посвојат“ ембрионот што во 1994 година бил замрзнат при вештачкото оплодување на Линда Арчерд, која денес е на возраст од 62 години.
- Арчерд пред 30 години добила ќерка, но другите три ембриони останале замрзнати. По разделбата од својот сопруг, таа ги донирала за истражување или да бидат на располагање на други родители.
- Не сакавме да собориме некакви рекорди. Само сакавме да имаме бебе, изјави Линдзи Пирс.
- Украинскиот парламент со убедливо мнозинство гласови го поништи законот што го усвои пред една недела, со кој ја ограничи независноста на двете главни антикорупциски тела во земјата. Претседателот Володимир Зеленски итно го потпиша новиот закон.
- „Важно е државата да го слуша гласот на јавноста. Овој закон гарантира нормална и независна работа на антикорупциските тела и агенции“, изјави Зеленски.
- Усвојувањето на амандманите пред една недела предизвика масовни улични протести во Киев и другите градови. Реагираа и западните сојузници на Киев со предупредување дека ќе ја замрзнат помошта за Украина.
- Амандманите, кои сега се укинати, му даваа на главниот обвинител строга контрола врз Националното биро за борба против корупцијата и Специјализираното обвинителство за борба против корупцијата.