- Во Тексас се трага по најмалку 23 девојчиња од летниот камп Мистик што бил збришан од надојдената река Гвадалупе.
- Надојдената река удрила врз реонот со многу летни кампови во 1.30 часот по полноќ. Мистик, со околу 750 девојчиња, бил веднаш до реката. Повеќето деца брзо биле префрлени на повисоки места и утрото биле евакуирани.
- Поројните дождови за само 45 минути го кренале нивото на реката над максималната граница.
- Поплавите во Тексас досега однесоа најмалку 24 човечки животи. Меѓу загинатите има и деца. Локалните власти објавија дека се спасени 237 луѓе што побарале помош, но немаат прецизна бројка колку луѓе се исчезнати.
- Словенечкиот премиер Роберт Голоб побара одржување советодавен референдум за членството на неговата земја во НАТО. Владејачкото движење Слобода официјално ќе го достави предлогот идната недела.
- Ова е реакција на одлуката на Собранието, кое вчера усвои организирање референдум за зголемувањето на трошоците за одбрана, договорени во рамките на Алијансата. Референдумот ќе се одржи на есен, а прашањето ќе биде: „Дали поддржувате Словенија да ги зголеми трошоците за одбрана за да достигнат 3% од БДП во 2030 година, што е приближно 2,1 милијарди евра?“ Резултатот ќе биде консултативен.
- Голоб ја критикуваше како „бесцелна“ иницијативата за референдумот, предложена од опозициската левица.
- „Ние ќе предложиме референдум за членството на Словенија во НАТО. Тоа е вистинското прашање. Има само две можни патеки: или ќе останеме во Алијансата и ќе ја платиме членарината, или ќе ја напуштиме Алијансата. Сè друго е популистичка измама на граѓаните“, изјави премиерот Голоб.
- Министерот за одбрана Борут Сајовиц оцени дека се политизираат прашањата за безбедноста, но изрази надеж дека одлуката за зголемување на трошоците ќе добие поддршка од граѓаните.