- Данска, Франција и Германија се првите членки на новата мисија на НАТО за зајакнување на источното крило, откако во средата дваесетина руски дронови навлегоа во воздушниот простор на Полска. Се очекува наскоро да се придружат и други членки.
- Данска ќе учествува со авиони ф-16, како поддршка на полската авијација, а ќе испрати и борбен брод. Франција вети три авиони „рафал“, а Германија четири „еурофајтери“.
- И САД ја поддржаа Полска пред Советот за безбедност на Обединетите нации. „САД ќе стојат цврсто против нашите сојузници од НАТО соочени со овие загрижувачки нарушувања на воздушниот простор. Бидете сигурни, ќе ја браниме секоја педа од територијата на НАТО, изјави амбасадорката во ОН“, Дороти Шеј.
- Русија инсистира дека во рамките на операцијата во Украина не испратила дронови на територијата на Полска. „Максималниот дострел на дроновите употребени во нападот не надминува 700 километри, поради што физички не е возможно да стигнале до полска територија“, изјави амбасадорот во ОН Василиј Небензја. Тој истакна дека Москва е спремна да разговара со Варшава за ова прашање „ако полската страна навистина е заинтересирана да се смират тензиите, а не да се разгорат“.
- Белорусија објави дека дроновите скршнале од својата траекторија откако им бил блокиран системот за наведување. Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека нарушувањето на просторот „можеби било ненамерно“.
- Генералното собрание на Обединетите нации со огромно мнозинство гласови усвои нова декларација за поддршка на формирањето држава на Палестинците, покрај Израел, но без влада на Хамас.
- За декларацијата гласаа 142 членки на ОН, а 10 беа против. Македонија беше меѓу 12-те воздржани, покрај Албанија, Чешка, Камерун, ДР Конго, Еквадор, Етиопија, Фиџи, Гватемала и Јужен Судан. Меѓу деветте земји што му изразија поддршка иа Израел и гласаа против беа и САД и Унгарија.
- Во документот се осудуваат нападите на Хамас врз Израел на 7 октомври 2023 година, како и нападите на Израел врз цивили и цивилна инфраструктура во Газа, опсада и изгладнување на Палестинците што резултирало со хуманитарна катастрофа.
- Шефот на француската дипломатија Жан-Ноел Баро изјави дека резолуцијата обезбедила меѓународна изолација на Хамас. „Денес прв пат ОН усвоија текст во кој се осудува Хамас поради злосторства и се повикува да се предаде и да се разоружи“, изјави Баро.
- Декларацијата нема обврзувачки карактер и се смета за вовед во средбата на светските лидери на 22 септември, на која се очекува Франција и Британија официјално да ја признаат палестинската држава.