- Турската полиција во утрински рации приведе политичари, активисти и најмалку деветмина новинари што се поврзуваат со масовните протести поради апсењето на градоначалникот на Истанбул, Екрем Имамоглу.
- Рациите биле спроведени откако завршиле четвртите масовни протести во Истанбул и во големите градови низ Турција. Луѓето се приведени врз основа на обвиненија за прекршување на Законот за собири и демонстрации.
- Нова анкета покажува дека опозициската Републиканска народна партија би победила на избори ако се одржат сега. Рејтингот на ЏХП е 33%, а на владејачката АКП е 30,4%.
- Анкетата била спроведена во периодот откако беше уапсен Имамоглу и откако му беше поништена дипломата, за да не може да се кандидира за претседател на изборите во 2028 година.
- Жителите на Париз изгласаа уште 500 улици во градот да бидат пешачки зони. На референдумот во неделата 66% го поддржале предлогот на левичарските градски власти. Одзивот бил едвај 4%.
- Бројот на „зелените артерии“ во Париз се зголемува на 700, повеќе од 10% од вкупниот број улици во градот.
- За да се прошират пешачките зони, ќе бидат укинати уште 10.000 места за паркинг. Уште толку веќе се отстранети во изминатите пет години.
- Ова е трет од низата референдуми со цел да се намали употребата на моторни возила и да се подобри квалитетот на воздухот во Париз. Во 2023 година беше одобрена забрана за елекрични скутери, а лани беше изгласана тројно повисока цена за паркирање на големи џипови.
- Наспроти мерките, Париз заостанува зад другите европски градови според зелена инфраструкура. Паркови, градини и авении со дрвореди зафаќаат само 26% од површината на градот. Просекот во европските главни градови е 41%.