- Претседателот Володимир Зеленски во божиќната порака се помоли за мир во Украина, но и индиректно порача да умре рускиот претседател Владимир Путин, без лично да го спомне.
- „Нека умре, може да помисли секој од нас. Но, кога се обраќаме до Бога, се разбира бараме нешто поголемо. Бараме мир за Украина. Се бориме за него. И се молиме за него. И го заслужуваме“, изјави Зеленски.
- Тој ги осуди „безбожните“ руски напади со речиси 700 ракети и дронови спроти денот на кој Украинците го слават Божиќ. „Вака напаѓаат безбожните. Вака се однесуваат оние кои немаат апсолутно ништо заедничко со христијанството или со нешто човечко“, рече тој.
- Неколку часа претходно Зеленски го објави новиот мировен план, усогласен со САД, и забележа дека е спремен да разговара лично со претседателот Доналд Трамп за идејата за повлекување на украинските трупи од територијата на Донбас што сега ја контролираат. САД предложија оваа територија да биде демилитаризирана економска зона.
- Сè уште нема реакција од Русија, која инсистира да ја преземе контролата врз цел Донбас, со дипломатија или со борби.
- Украинскиот претседател Володимир Зеленски навести дека е подготвен да ги повлече украинските трупи од делови од источниот регион Доњецк кои се уште се под контрола на Киев, за да бидат прогласени за демилитаризирана зона со мировниот договор.
- Територијалното разграничување е главната пречка за договорот за крај на војната во Украина. Киев досега инсистираше Украина да ја задржи територијата што сега ја има под контрола, вклучувајќи и околу 25% од териториите на Доњецк и Луханск. Москва се уште инсистира да го добие цел Донбас, со преговори или со војна.
- Една опција би можела да биде формирање слободна економска зона во демилитаризираните области на источна Украина, изјавил Зеленски, но бара и Русија да повлече свои сили од истокот. Предлогот за демилитаризација би бил ставен на јавно гласање.
- Втората прифатлива опција за украинскиот претседател би била ефикасно замрзнување на конфликтот долж четирите копнени региони анектирани од Русија. Примирјето би било надгледувано од меѓународни сили.
- Зеленски веќе се откажа од инсистирањето Украина да му се приклучи на НАТО. Точки на судир сега се обемот на украинската војска кога ќе заврши војната и контролата и распределбата на струја од нуклеарната централа Запорожје, која е под руска контрола уште од 2022 година. Зеленски изјави дека украинските преговарачи не постигнале консензус со САД за Доњецк и за нуклеарната централа, но додаде: „Значително ги усогласивме повеќето позиции“.