- Астронаутот Дон Петит на својот 70-ти роденден безбедно се врати на Земјата, по 220-дневна мисија на Меѓународната вселенска станица.
- Со руското летало „сојуз м-26“ во Казахстан се вратија и космонаутите Алексеј Овчинин и Иван Вагнер.
- Петит е еден од највозрасните астронаути што престојувал во вселената. Најстариот сè уште е Џон Глен, кој беше во мисија на НАСА на возраст од 77 години.
- Петит во својата мисија 3.520 пати ја обиколил Земјата. Тој на орбиталната станица спроведувал истражувања за тридимензионално печатење, напредни санитарни технологии, развој на растенија со различен пристап до вода и за однесувањето на оган во микрогравитација.
- Полска најави дека официјално ќе поднесе барање за воени репарации од Русија, за злосторства извршени од Црвената армија во Втората светска војна и во периодот на советските интервенции во Студената војна. Премиерот Доналд Туск наредил формирање тим историчари за да ги проценат штетите.
- Варшава веќе побара од Германија да ѝ плати 1.300 милијарди поради злосторствата извршени од нацистичките сили за време на Втората светска војна. Канцеларот Фридрих Мерц одговори дека од перспектива на Берлин, прашањето за репарации одамна е правно и политички затворено.
- Бартош Гондек, директор на институтот задолжен од Туск, изјави дека истрагата за Русија е пообемна, со оглед на тоа што Полска поминала четири децении под советско влијание.
- Коментирајќи ја заканата од Полска, портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова изјави: „Како репарација, можеме да обезбедиме линк до видеото од операта Иван Сусанин“.
- Поранешниот украински министер за енергетика, кој е обвинет за злоупотреба на над 100 милиони долари од енергетскиот сектор, може да биде ослободен од притвор со кауција од околу 10 милиони долари.
- Херман Халушченко, кој важи за близок до претседателот Зеленски, беше приведен при обид да ја напушти Украина со воз, непосредно пред официјално да му биде предадено известувањето дека е осомничен во случајот со висока корупција „Мидас“ за злоупотреба на 112 милиони долари од енергетскиот сектор, испрани преку офшор структури, криптовалути и инвестиции во фонд регистриран на островот Ангила.
- На сметки на семејството на Халушченко во Швајцарија биле префрлени 7,4 милиони долари, плус уште 1,3 милиони швајцарски франци и 2,4 милиони евра во готово.
- Парите биле потрошени за образование на децата на Халушченко во престижни училишта во Швајцарија или биле депонирани на сметки на неговата поранешна сопруга.
- Во исто време, енергетскиот систем нема средства за поправка по руските бомбардирања и Украинците останаа без струја и греење во неовобичаено студената зима.