- Администрацијата на Доналд Трамп нема јасен план за војната што ја почнаа со Иран, оцени демократскиот сенатор Крис ван Холен по брифинг во Белата куќа.
- „Нема објаснување зошто Трамп го прекрши ветувањето што ѝ го даде на земјата кога рече дека нема да нè вовлече во војни. Наративите за тоа за што всушност станува збор постојано се менуваат. Дури и денес во Овалната соба, претседателот даде различни објаснувања“, рече Ван Холен.
- „Велат дека целта е да се нападне нуклеарната програма на Иран. Но, знаеме дека Иран нема нуклеарно оружје. Претседателот лани изјави дека нивната програма е целосно уништена. Потоа велат дека одат на проектилите. Иран нема балистички ракети што можат да дојдат близу до САД, ниту една“, рече сенаторот.
- Трамп кажал и дека целта е ослободување на Иранците, иако проценките на ЦИА се дека ако биде соборено иранското раководство, на негово место ќе дојде уште порадикална група.
- Сенаторот оцени дека војната била поттикната од израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху. „Она што го знаеме од државниот секретар Рубио е дека Нетанјаху одлучил да го нападне Иран. Тој сака да го нападне Иран 40 години, само што не нашол претседател доволно глупав да ги вовлече САД во оваа војна. А сега Трамп го направи тоа. Тие немаат поим како треба да заврши ова“, заклучи сенаторот од Мериленд.
- Првиот човек на „Рајанер“, Мајкл О’Лири, го обвини Брисел дека го поткопува европското воздухопловство преку нееднакви давачки за јаглеродни емисии. Повисоко ги оданочува летовите во рамките на ЕУ, а ги ослободува американските и кинеските авиопревозници, иако тие испуштаат повеќе штетни гасови.
- Според Евроконтрол, летовите на долги релации претставуваат само 6% од вкупниот број во Европа, но создаваат 53% од емисиите на јаглерод. Сепак, спаѓаат под поевтината категорија на ОН за компензација, а не во внатрешниот систем на на ЕУ.
- Европската комисија предложи од 2029 година да ги прошири мерките врз одредени летови што поаѓаат од Европа, но тоа нема да важи за подолгите рути и летовите што пристигнуваат од САД и Кина.
- „Урсула фон дер Лајен се плаши да направи нешто освен да зборува. Таа е бескорисна. Европа има патоказ за поголема конкурентност – тоа е Извештајот на Драги. Две години подоцна, ниту една од неговите препораки не е спроведена, а Урсула фон дер Лајен се крие во зградата 'Берлемон' и не прави ништо, освен што држи говори“, изјави О'Лири за Еуроњуз.
- Фирми за кибернетска безбедност регистрирале милиони напади врз веб-страници откако беа објавени критични пукнатини во програмскиот јазик PHP на кој се потпира интернетот.
- „Десет часа пред објавувањето на ранливоста, забележавме илјадници обиди за злоупотребување на мрежата. Таа бројка се зголеми на десетици илјади во 45-те минути по објавувањето, на стотици илјади во рок од 2 часа, а сега достигна милиони“, изјави Метју Принс, директорот на Cloudflare.
- Додека се надградува заштитата на серверите, во прекин се многу владини, даночни, банкарски, авионски и железнички услуги од Финска до Јапонија.
- „Тоа беше долг ден и долга ноќ, за сите што работат во информатичкиот и безбедносниот сектор. Вакво нешто не сум видел многу, многу долго време“, изјави Сатја Надела, извршниот директор на Микрософт.