- Американските власти почнаа повторно да го користат правото на „принуден откуп“ на приватни имоти за да овозможат изградба на огромните центри за податоци од кои се напојува вештачката интелигенција.
- Анкети покажуваат дека дури 70% од Американците не сакаат близу нивните домови да се градат огромни погони, кои трошат струја и вода како цели градови, и затоа одбиваат да им продадат свој имот на технолошките гиганти и енергетските компании кои спроведуваат далноводи и поставуваат трансформатори.
- Владата им е последната можност на инвеститорите да обезбедат локации за изградба, бидејќи може да ги прогласи центрите за критична инфраструктура - слично како и силосите за проектили од времето на Студената војна, и да го искористи своето право на принуден откуп на имот за јавни цели.
- Петтиот амандман на Уставот бара од владата да му обезбеди на сопственикот на земјиштето „праведен надомест“, кој генерално се заснова на фер пазарната вредност на сличен имот во локалната област.
- Во 2024 година, центрите за податоци учествуваа со приближно 10–20% во потрошувачката на електрична енергија во САД, а оттогаш тој процент е значително зголемен. Гигацентарот Хиперион на компанијата Мета во Луизијана, на пример, ќе троши три пати повеќе енергија отколку целиот Њу Орлеанс.
- Аналитичари од ЦИА оцениле дека тактиката на претседателот Трамп да ги засили бомбардирањата врз Иран нема да го скрши отпорот на раководството во Техеран и нема да го принуди да ги повлече своите цврсти позиции на евентуалните преговори.
- „Иранската влада има еден главен приоритет, а тоа е сопствениот опстанок, и докажа дека е подготвена да прифати огромна казна за да се заштити. Овој режим е изграден за да издржи воен притисок, кој би скршил власт во секоја нормална држава“, се предупредува во разузнавачки извештај што протече до јавноста преку Вашингтон пост.
- Аналитичарите заклучиле дека САД и Иран засега се заглавени во бескраен циклус помеѓу напади и примирја. Бомбардирањето не води до политичка предност. Понатамошна ескалација, како копнена инвазија, е опција која е длабоко непопуларна за Американците затоа што ризикува многу повеќе американски жртви, а нема гаранции дека би била успешна.
- Новиот разузнавачки извештај е изготвен главно од офицери на ЦИА. Проценките не се конкретни предвидувања за иднината, туку пресек на тековните и веројатните идни трендови, врз основа на сите достапни разузнавачки податоци и материјали.
- Заклучокот од претходната проценка во мај беше дека Иран може да издржи поморска блокада од САД најмалку три до четири месеци пред да се соочи со посериозни економски тешкотии.