Ај да замислиме дека вечерата за удварачи поминала успешно. Сте се засакале со сета сила како у некое викенд романче, ептен за озбилно. Со тек на време сте ја кренале играта на поофицијално ниво со тоа што сте стапиле у брак. Љубовта кулминирала. А брак ко брак, институција. Ментална. Како по обичај, општите сексуално само кога ќе ѝ се дигне на саканата, стално наоѓате компромиси така што се сложувате дека она е у право, се менуваат навики, особено твоите, и живот тече у лаганом ритму, што би рекол господин господин Звонко од Богданите. Уживаш у родовата рамноправност, сè до денот кога низ лапсус наместо ‘жено’ на сопругата ќе ѝ се обратиш со ‘мамо’. Тоа е старт со две нозе од зад грб за женската суета. Фројд и Цар Едип зјапаат од небеската вечност и паѓаат у несвес од смеа. Нормално, на твоја сметка.
Ова е почетокот на крајот. А започнува со беседата: “Па фала богу дека мамо ќе ме викаш, кога ти пеглам, перам, готвам, чистам, ______ (instert уште некој глагол) како да сум ти слугинка, не жена. Веќе ни мајка ти нема да те трпи таков, не па ја шо не сум те раѓала. Стоко.”
По автоматизам си казнет со заклетва на молк и целибат. Со денови и седмици се разминувате по дома како статисти, се води инат, се молчи и зјапа у плафон, се спие по троседи и фотељи. Токсична атмосфера ко на состанок у невладина. Ти пука филм и решаваш да ставиш крај на овој ужас. Паѓа одлука: ќе ја изненадиш со вечера. Ќе спремиш нешто вкусно и префинето, сам, без помош од родител, од нула. Никакво порачување храна од надвор или слични будалаштини. Комплет домашно. Но, наидуваш на идејна барикада: што ли да се зготви, а да не биде секојдневно, бајато и кич, а во исто време да не захтева кулинарски црн појас. Ти текнува на најјака рубрика за храна шо некогаш постоела у виртуелниот свет - Храна за возрасни, кликаш, а таму пишува:
Здраво сопатнику. Јас сум денес овде со тебе да патам, а ти со мене да патуваш низ овој грево-искупителен рецепт. За почеток, диши длабоко, све ќе биде во ред. Кинисуваме:
Благ компир, еден, aма вреден. Го лупиш, го сецкаш на четвртини и го печеш во рерна загреана на 220 степени. Едно 40 минути. Откако е омекнал, го префрлаш во длабок сад, го пасираш со вилушка или со специјална пасерка, му додаваш една жолчка и 200 грама пченкарно брашно. Мешаш додека не се оформи солидна топка.
Оваа топка ја размесуваш на многу тенко за да добиеш долг цилиндер. Цилиндарот го сецкаш на мали коцкасти перничиња. Добиваш одлични њоки. Тенџере со вода. Водата да зоврие. Њоките ги фрламе внатре и ги вариме со додека не испливаат на површина. Тоа е знак дека се готови.
Откако се сварени ги финишираме во тава со растопен путер, 5-6 минути и на крај ги полеваме со крем за готвење. Нека жуборкаат вака уште 2 минути.
Втора стаза: месо. Набави некое солидно јунешко парче. Предлог: кревка јунешка кременадла попозната како strip стек. Ја зачинуваш обострано, и на загреана тава печеш 5-6 минути по страна, за таман розева средина. За покрваво сценарио, печи 4 минути по страна. При крај на печењето, парчињата ги тушираме со путер.
Откако месото е спремно и оставено да одмори, го спремаме сосот: путер, ситно сецкан кромид, капери, 200 мл. бујон (говедски, или некој друг по избор) и 150 мл. крема за готвење и цели зрна бел бибер (задолжително). На тивок оган, до посакуваната густина.
Сервирање: стековите ги сецкаш на ленти (сецкај во самата чинија во која ќе сервираш како би ги зачувал сите сочни волшепства од месото), ги благословуваш со сосот и од страната гарнираш со кремастите њоки. Победи ја змијата во џебот и набави некое квалитетно вино кое би парирало на оваа екстраваганција. Ја чекаш дотичната да си дојде, пушташ Шаде бест оф компилација да зуи во позадина, ЈА СРЕДУВАШ КУЈНАТА и стaртуваш со искупувањето.
Можеш да почнеш муабет со некој флеш-бек од времето кога сте биле млади и безгрижни и кога не знаела точно шо сорта си и шо табиет влечеш. Така ќе се присети на една поромантична верзија од тебе и ќе си легне на брашното. Можев ова да го изверзирам и за жени шо несакајќи ги рекле мажите ‘тато’, но по опусот на Сифреди знаеме дека тоа не претставува никаков проблем, баш напротив…
Кирил Стоименов - и грев и шприцер