Совршена салата не пос...

За сите сениор-ракијаши, салатата е многу повеќе од обичен прилог со главното јадење. Таа е неизбежниот Робин и Санчо Панса, без кои младичите Бетмен и Дон Кихот би останале само маалски битанги. Сите што зборуваат за салатата како да е нешто сосема неважно, автоматски ми се сомнителни ликови. Не би да делам секојдневие со такви. Вистинските знаат дека за да направиш добра салата, треба да ги разбереш правилата. А потоа, да ги игнорираш со стил. 

Некои ќе ти кажат дека треба да има точно определен баланс – нешто крцкаво, нешто меко, нешто кисело, нешто благо… Мојата салата не се роди од рецепт, туку од чист експериментален хаос, од момент на „а што ако…?“. Ова не беше обичен микс од навидум здрави листови и некое чудно семе со вонземно име. Ова беше културен судир на вкусови со среќен крај. 

Салата е повеќе од само фрлање состојки во чинија – салатата е наука, стратегија, психолошка игра со сетилата. Секој залак мора да има поента. Ако ти е монотона, правиш нешто погрешно. Ако по првиот залак се чувствуваш како да си се појавил на некое гурманско тајно друштво – тогаш си добитен.. 

А за да останеш добитен, треба да го направиш следново:

300 грама конзервирана леблебија алијас наут: го цедиме зрната од водата во конзервата. Зачинуваме со сол и лук во прав и печеме 15-20 минути во рерна или ерфраер на 200 степени. Откатко наутот е испечен, опционално му ја отстрануваме лушпата. Јас го конзумирам сосе се, да можам и етикетата би ја измезил. 

250 грама димено месо: во овј случај шунка. Може и сланина, може и пршута. Поентата е месотот да е тенко сецкано за добро да се испече и да остане крцкаво. Го печеме за 225 12-тина минути. Го вадиме и оставаме да се олади за да се стврдне. 

350 грама цвекло: Варено. Го сецкаме на коцки со големина на зарови. За јамб, не за табла. Од оние едрите. Марула: наместо да заврши како подлога за некој потпросечен именденски ордевер, искористете ја на право место. Ја сецкаме на едро, како за шатки, шо би рекол дедо ми. 

Сос: Павлака и сенф. Сооднос 1:3 полза на павлаката. Сок од пола лимон. Мешаме. 

Сусам: Печен! 

Слоеви: Прво оди леблебијата. Потоа го додаваме цвеклото. Зачинуваме со бааги сол и бибер. На ред е марулата а врз неа кршените парчиња од крцкавото месо. На крај следуваат сосот и сусамот. Капнуваме и малку маслиново. Добро промешуваме за сосот да ги премачка сите компоненти. 

Сервирање: Плитка чинија како Дојранско Езеро у 90-ти. Додаваме салата и ја крунисуваме со балсамико крема. 

Уживање: Во секоја голтка. Во секој залак. Максимално! 

Кирил Стоименов - салата напраен

9 март 2025 - 09:19