Парена баница

Значи ептен поштувам ремек-дела кои зборуваат илјада зборови, без да промрчат ниту еден.

Парената баница - оружјето за масовно заситување на баба ми. Фамилијарно се трезневме со неа. Ова е баница-стратег, дизајнирана да ја уништи маалската конкуренција, кралица на доручeците. Нејзината моќ не лежи во агресивноста, туку во суптилната влажност, итриот прелив и елегантната Фибоначи спирала. И екстремниот суфицит на калории, нормално. Ова е тоа комфорна храна, шо го викаат храно-флуенсерите по Инстаграм шо почнаа завчера да готват. Јас денес ќе глумам фејк-баба затоа што ќе користам готови кори.

Без дополнителен држ - не дај, одиме јако:

Намирници:

  • 500 гр кори од расата фило. Темелот!
  • 250 гр кравјо сирење или урда. 
  • За да искремираме 100 гр путер: Маргарин никако. Путерот е за оние кои знаат дека економичноста е лоша инвестиција кога станува збор за задоволството. Тој е врзивното ткиво, пресудно за успех.
  • 3 јајца - душата на преливот.
  • 350 мл павлака/јужнососедски јогурт: полномасно, овде нема простор за „лајт“ варијанти.
  • 200 мл млеко и уште две јајца: за одозгора
  • По желба: малку сусам за визуелна естетика

Постапка:
 


Во сад што ви овозможува стратешко маневрирање, матите три јајца. Сетне искршете го сирењето. Раскомбосуваме за да добиеме текстура на урда. На крај следува кремастиот агент - јогуртот. Соединувате.

Земете една кора. Почувствувајте ја. Замислете ја како празен пергамент на кој ќе ја напишете вашата кулинарска приказна. Поставете ја на чиста површина. Распространете ја млечно-јајчестата смеса врз кората. На едниот крај од кората поставете неколку парченца путер. Свиткајте ја кората во тесен, прецизен ролат. Како свиток од антички папирус.

Повторуваме со сите кори. Првиот ролат, како камен-темелник, поставете го до ѕидот на подмачкан огноотпорен сад. Потоа, со хируршка прецизност, наредете ги останатите ролати околу него, создавајќи спирала. Ова ќе биде вашата галаксија на вкусови.

Доколку користите два сада, поделете ја вашата армија рамномерно. Во друг сад (доволно голем за да демонстрирате вашата вештина со баратање кујнска жицата), изматете ги јајцата додека не почнат да пенат со аристократски меурчиња. Додадете го млекото. Матете со самодоверба. Ова е еликсирот кој ќе ја трансформира вашата баница. Нека биде хомоген, без грутки. Рамномерно, со балетанска грациозност, прелијте ја наредената баница со еликсирот. Нека се впие во секоја пукнатина, секој слој. Ова е моментот кога баницата почнува да дише. На врв - сусам.

Загрејте ја рерната на 200°C. Нека биде врела. Пеколот е потребен за да се создаде рај. Внесете ја вашата креација во рерната. Печете околу 30-40 минути, или додека не добие златно-кафеава, беспрекорна кора и не замириса толку примамливо што комшиите ќе почнат да Виберуваат, демек чисто да прашаат како сте.

Извадете ја баницата. Нека се олади малку. Исечете ја. Нежно, за да не ја нарушите нејзината внатрешна хармонија. Послужете ја топла, со чаша ладен јогурт - контраст кој ќе ја запечати утакмицата.

Уживајте во триумфот.

Кирил Стоименов - сељак од Баница

5 јули 2025 - 20:03