
Блиц прашање: дали некогаш сте фатиле некој пријател како во кафана нарачува храна со оној иритантен, квази-елитистички тон на кој сите превртуваме очи, или пак вие самите користите зборови што ве прават да звучите како да имате три докторати, а уствари само сакате да кажете дека сте расположени за калориски суфицит?
Бујрум во светот на лингвистиката - оперативниот систем на вашиот мозок кој нечујно и суптилно ви го крои карактерот. Начинот на кој зборуваме директно го мапира начинот на кој размислуваме, ги дефинира нашите секојдневни паранои и, сакале или не, одлучува какви луѓе сме. Вашиот речник е ваш личен скенер: ако во него редовно циркулираат зборови како мерак, марифет, уште една и бегаме или ајде нешто на лажица, вие сте класичен, непоправлив хедонист.
Ако пак секоја втора реченица ви почнува со паничното „немам време“ и завршува со некоја мртва кратенка како „ASAP“, вашиот софтвер е пред колапс и итно бара еден сериозен, гастрономски систем-апдејт. Во рамките на лингвистиката, вистинскиот циркус почнува кога ќе навлезете во етимологијата, тој историски расипан телефон на кој човештвото игра со векови.
Земете ја за пример мисирката. Како се случи оваа птица, која е синоним за американскиот Ден на благодарноста, на англиски да ја викаат Turkey (Турција)? Приказната е тотален лингвистички трилер од 16-тиот век. Имено, отоманските трговци во тоа време, во Европа увезувале една специфична африканска бисерка (на англиски: guineafowl, а кај нас позната и како морка или токачка). Англичаните, стандардно мрзливи за учење странски географски поими, решиле целата таа приказна да ја поедностават и птицата ја нарекле „Турска птица“ или скратено - Turkey. По некоја деценија, кога истите тие Британци со бродови стапнале на американското тло и таму здогледале една сосем нова, голема, дива пердувеста убавица која далечно ги потсетувала на онаа од дома, во паника, глад и апсолутен дефицит на креативност ја крстиле и неа – Turkey. Но, шизофренијата со името не запира тука! Во самата Турција денес оваа птица ја викаат Hindi (оти мислеле дека доаѓа од Индија), во Индија ја викаат Перу, а кај нас е едноставно... мисирка, колку да имаме сопствен заговор во приказната. Тотална егзистенцијална криза на три континенти.
Бидејќи ова пердувесто животно претрпело доволно геополитички и јазични трауми низ историјата, решивме денешниот рецепт праведно и сочувствително да го посветиме токму на неа. И во чест на оваа глобална јазична збрка, правиме кулинарски колаж без граници: користиме путер и сенф да замириса на Франција, македонско бело вино и традиционални бабини јуфки спакувани во модерен, урбан дизајн.
* Извинете ако ова последново звучеше како реклама за кујни.
Намирници
За мисирката и сосот:
● Мисиркини гради (исечени на тенки, долгнавести ленти)
● Зачини: Црвен пипер , суво оригано или мешан сув зачин, сол и свеж црн бибер
● 1 главица црвен кромид (ситно сечкана)
● Путер (клучот за кадифениот завршеток)
● Сенф (една до две лажици)
● Бело вино
● 1 лимон
За прилогот (печени јуфки во фолија):
● Традиционални македонски јуфки
● Рендан кашкавал (кој убаво се топи)
● Црвен пипер
● Микс од бел и црн сусам
● Јајце
За сервирање:
● Кисели краставички и лути феферони
Постапка
Подготовка и зачинување на месото

Мисиркините гради исечете ги на тенки, долгнавести ленти. Наредете ги на даска и богато зачинете ги од двете страни со црвен пипер, суво оригано, лук во прав и прстофат сол.Во тава на загреано масло кратко пропржете ги додека не побеат и не фатат убава златна коричка од двете страни. Извадете ги од тавата и тргнете го настрана во чинија (но внимавајте да ги сочувате сите сокови на дното од тавата).

Деглазирање и подготовка на сосот Во истата тава каде што се пржеше месото, додадете го ситно сечканиот црвен кромид и динстајте го додека не омекне и стане стаклест. Истурете еден убав млаз бело вино во тавата. Ова е процесот на деглазирање - виното веднаш ќе ги подигне и собере сите карамелизирани вкусови кои се залепиле на дното од месото.


Оставете го кратко да прокрчка на среден оган за да испари алкохолот. Намалете ја температурата, па во тавата додадете го сенфот, малку сок од лимон и 70 грама путер. Мешајте го путерот надвор од рингла додека сè не се соедини во густ, сјаен и кремаст сос.
Печени „филџани“ од јуфки

Сварете ги јуфките во посолена зовриена вода, но внимавајте да останат al dente (да не се преварат и да не станат каша), па убаво исцедете ги. Во подлабок сад измешајте ги топлите јуфки со ренданиот кашкавал, сматеното јајце и малку црвен пипер.

Од алуминиумска фолија направете мали импровизирани кошнички (форми со големина на филџан) и наполнете ги со смесата од јуфки и кашкавал. Наросете ги одозгора со миксот од бел и црн сусам и ставете ги во загреана рерна на 225 на 12-тина минути или додека кашкавалот не се стопи и сусамот не го пушти својот јаткаст мирис.


Сервирање
На рамна чинија внимателно поставете го „филџанот“ од печени јуфки директно од фолијата. Покрај јуфките наредете ги сочните мисиркини ленти и богато прелијте ги со топлиот, кадифен сос од сенф и вино. Послужете со крцкави кисели краставички и лути феферони кои совршено ја балансираат богатата текстура на сосот.

Фала на трпението и добар апетит! Кирил Стоименов - тежок мисир