Салатата како вид храна, од памтивек си пати од синдромот на ‘најдобра споредна улога’. Како тоа? Па така, во повеќето култури, некултури и фискултури, салата се служи како прилог, или прва придружничка на главното јадење. Пратња. Јованка Броз. Но затоа еден добронамерен неранимајко, вечити борец за салатарските права, гастрономскиот Робин Худ од off.net, реши да ги скрши прангите на стериотипниот ‘гарнир’ и салатата да ја направи ѕвезда на вечерта. Или евентуално, на попладнето.
Денес, во препознатливиот ‘храна за возрасни’-стил ќе испурјачиме една тосканска лепотанска салата - Панцанела. Панцанела значи леб у длабока чинија, значи ништо спектакуларно, но на италијански и да кажеш ‘дужен сум пари и на кучињата’ ќе звучи поетично, мелодично и срце-стоплувачки.
Па ајде преродбеници, да стартуваме:
2-3 кришки леб. Вистински леб, не од оние картонските тост-подметачи за на шанк. Го шампонираме со маслиново, го делкаме на коцки нешто поголеми од зарови за Јамб, го зачинуваме со зачини по мерак и правац на ужежена грил тава. 3 до 5 минути по страна, добро да се исуши за да ни приреди крцкава серенада во продолжение.
Следен за дотерување е зеленчуковиот момент. Потребни ни се патлиџани од сите под-над-пред-зад врсти, краставица - едра плетка, и црвен кромид шо уствари е виолетов. Патлиџаните и краставицата ги сецкаме на средни парченца, а драчевското тропско овошје на тенки ленти. Ги додаваме во длабок сад, заедно со потпечените кубети, или крутони или обессирена нафора, како милувате. На крај фрламе неколку ливчиња босилек, за од уроци и црни магии. Сол и бибер, обавезно.
Оваа салата можеби е ѕверска, но сепак е со педигре. А шо најдобро иде со педигре? Дресура. Ова ѕверче ќе го издресираме со еден мајсторски умами-дресинг. Имено, (кога почнеш реченица со ‘имено’ одма звучиш како некој академик од али-експрес) за овој дресинг ни се потребни:
Едно чешне лук, 3-4 инчуни, 2 супени лажици капари, маслиново и балсамико. Инчуните се мали рипки кои каде и да се појават креваат левели. Капарите се први братучеди на Момо Капор. Овие исферментирани маслинесто-зелени меурчиња потсеќаат на бескрајни приморски ноќи и се поезија сами по себе. Лукот за од ѓаоли.
Промешуваме со рачен миксер додека не добиеме компактна смеса. Дресингот го тушираме врз зеленчукот. Промешуваме. На крај, белата билијар топка меѓу сирењата - моцарелата. Правиме пресек на средината и со неа ја крунисуваме салата.
Па ваши височества, можеби оваа салата не е баш најдобар пријател на вашиот буџет, но да бидеме искрени, нема да ја правите секој ден. Така да, за посебна прилика, за специјални поводи, рецептот ви е тука на располагање и не ви бега никаде. Ужасно многу иде со мастика, узо и слични анасонски молотови коктели!
На здравје!
Кирил Стоименов, професор по Ѕверонаука