Off Topic

Државата е некому мајка, некому над-мајка

Мајка од Вирџинија седум години ќе се наоѓа на државниот регистерот за злоупотреба и занемарување деца затоа што го пуштила својот 5 годишен син - сам да прошета надвор. Добила и 6 месечна условна казна затвор. Живеат во кварт кој е заштитен со ограда и има чувар. Малиов посакал да собира гускини пердуви покрај локалното езерце, мајка му го пуштила бидејќи оделе таму заедно и го знае патот. Е, не може тоа така.

Гушнат поп, мирно село

Среде неделна миса, жена го обвинила пасторот дека сексуално ја злоупотребил кога имала 16 години. Свештеникот Џон Лоув го признал делото, рекол дека тоа било погрешно и се покајал. Што направија после тоа верниците од оваа конгрегација во Индијана? Се собраа околу него за да го гушнат во молитва и да му понудат прошка. Жената не беше гушната.

Претседателот кој трпи тежина

Сме виделе и слични вакви па да го видиме и него. Претседателот на Монголија дига 100 кила на бенч. Да потсетиме: Румен Радев се вртеше на шипка за тресење килими а Александар Вучиќ не можеше да си дозволи да му попушти на еден клинец па му залупа банана. Туку, ќе видиме ли видео како Силјановска прави 10 клот-фркет за неполна минута?

Летечкиот килим не е спорен

На Икс се појави видео со објаснување дека настанот се случува на небото над Иран каде човек на летечки килим срушил американски авион од типот Ф-15. За среќа, на Икс постојат „забелешки од заедницата“ кои знаат да фрлат драгоцена дополнителна светлина врз некое тврдење. 

Како се вика најобратно од далтонист?

Еден наш пријател кому не му верувавме дека е далтонист, му покажавме од оние онлајн тестови (кои се користат и за возачка) со шарен круг во кој е впишана бројка. Кога го прашавме што гледа, одговори: Капричиоза! Од друга страна, 11 годишно девојче од Германија, за секунди најде кај е грешката во круг полн со шарени точки. На едно место фалела плавата!

Зеленски можеше да избегне војна

Андриј Богдан, поранешен началник на кабинетот на Зеленски, сведочи дека во 2019 година (пред да почне војната) Владимир Путин лично му пристапил со мировен предлог: да им се даде на луѓето од Донбас посебен заштитен статус и да се стави крај на крвопролевањето на украинските државјани кои зборуваат руски. Каков бил одговорот на Зеленски? Ете, гледате на вести.

Кога новинар ќе запне ко што треба

Пирс Морган го нагази лабуристот Џереми Корбин со прашање дали Хамас е терористичка организација. Да беше тоа муабет на наша телевизија, соговорникот нешто ќе замуљаше па водителот ќе решеше да прејдат на следната тема (или на реклами). Не оди тоа така кај Морган. Тој истото прашање одново и одново му го поставуваше на Корбин, едно 17 пати.

Варуфакис: Европа е готова

Замислете голема меѓународна мировна конференција за Украина, вика поранешниот грчки министер за финансии. На големата маса ќер седи Американецот, Кинезот, Русинот, Украинецот... Кој на таа маса ќе ја застапува Европа? Урсула фон дер Лајен? Онаа која е таму кајшто е само затоа што Ангела Меркел не ја сакаше во својот кабинет па за да ја батали ја прати во Брисел?

Дечки, каде бе со тоа џихадот?

Кристофер Хиченс, еден од наjдослeдните атеисти (тука се и Рики Џервејс, Бил Мар...) сосема отворено со некој навреден од насловот на неговата книга (Бог/Алах не е голем). Му вика, најтоксична форма на религиозност е исламизмот, неговата идеја дека сиот свет треба да заврши под шеријатски закон а дека најдобриот начин да се стигне до тоа е џихадот. Тачдаун.  

Да не си му во кожа на Блинкен

Во моментот кога новинарката го праша Бајден дали уште го смета Ши за диктатор, на министерот за надворешни работи на САД му беше јасно дека работата нема да заврши на добро. Одговорот на Бајден беше „ДА“, реакцијата на Блинкен беше „требаше да учам за слаткар“.

Ако не ви се свиѓа, гитла!

Американските протести за Палестина едно изненадија што покажаа зачудувачки раширено чувство на анти-семитизам во земјата, друго, што истите тие демонстранти удрија и по земјата во која се сами дојдени без никој да ги вика или бара. Меган Кели не знае на што повеќе да се изначуди, ама затоа нуди решенија - ако не ви се свиѓа, да ве нема од тука, и онака не ни требате.

Јапонија е закон

Јапонија има закон за пакување според кој сликите на пакувањето на најразлични прехранбени производи мора да бидат со големината на производот што е спакуван во нив.

Пациент

Ниту некој го тера со сила, ниту има изгубено кладба, напротив при чиста свест и совест, и што е уште пострашно од мерак, ликот решава дека треба да се бута во овие дупки. Пациент!

Аууу, каква статива!

Го местат. Го викнале на муабет и го прашуваат за бившата. Кој кому раскинал, му фали ли, такви работи. Овој се разнежнува пa им кажува како му е на срцето. Не знае дека разговорот го следи и неговата бивша. Крајот е замислен како хепиенд, тие двајца повторно да се сретнат. Само што, треба да ги слушнете неговите последни зборови за да ви стане јасен насловот.   

Џо Пеши да ти пеел

Разбравме случајно преку Реј Романо (со кого беа заедно во The Irishman):"„Таман кога мислев дека не можам повеќе да му се одушевувам на Џо Пеши, разбрав дека тој знае и да пее!“ И стварно, на 25 години, во 1968 година, Пеши го има издадено албумот Little Joe Sure Can Sing! со преработки на хитчиња. И чкарт да беше, ќе ни се свиѓаше. А не е чкарт.

Младите од ридот

За едни верски задрти млади Евреи, задоени од токсичните идеи на рабинот Кахане, кои прават зулими по Западниот брег. Ќе дојдат на рид, ќе закуцаат знаме и ќе го сметаат тоа за истурена позиција на Израел. Да видите какви „вук је у нас домаќа животиња“ се тие предели. Ничег нема, јој. Па сепак, попрво од камења ќе го исчистиш тој крш отколку од омраза.

Кога нема да се разберете до крај

Две другарки се договарале како облечени да излезат за Халовин. Решиле да се синхронизираат па обете да бидат облечени на тема - крава. Крава? Крава. Ок. Едната облекла трико со соодветни апликации, светкави хулахопки на долгите нозе, чизми... Чекајте да видите како договорот го разбрала таа другата.

Клер Дали за Урсула: Малку е Хаг за тебе!

Во Газа не се случува „спирала на насилство“ туку отворен геноцид во кој загинаа 10.000 луѓе a едно дете се убива на секои десет минути. Европската Унија има крв на своите раце откако му даде благослов на Израел со пораката дека „ќе биде со него во деновите што претстојат“. И ЕУ уште нема доблест да му каже на Израел да престане, туку го замолува да не таргетира цивили.

Америка требаше да биде убава

Мала галерија од за навек изгубените архитектонски богатства на САД. Срушени за да се направи нешто помодерно и често поглупо и погрдо. Американците имаа една фасцинантна јавна библиотека во Синсинати, ја имаат срушено за да се отвори простор за паркинг.   

Трамп, Трамп, Трамп

Дел од атмосферата пред почетокот на последната републиканска претседателска дебата. Трамп како што почна така и продолжи, па и оваа дебата ја бојкотираше и воопшто не се појави, затоа што проценил дека на неа само може да изгуби од рејтингот, а не и да добие нешто. Отприлика и за тоа толку имате чуено околу републиканските дебати. Друга работа, што не им е јасно на овие што уште тераат кампања?

За нивото на напнатост околу Газа

Индијската ТВ новинарка Шреја Дундијал, прави емисија за војната меѓу Израел и Хамас. Гостин е човек од израелското разузнавање кој неочекувано се напнува околу тоа како е таа облечена. Црнокосата Шреја носи црвено- зелено сари, што овој го гледа како дрска провокација и суптилна поддршка на Хамас. Таа фино му објасни зошто е глуп што си прави филмови.

Прашањето што не се поставува

Израел има право да се одбрани и тоа никој не го доведува во прашање, она што не е така чисто е начинот на кој го прави тоа или: Дали Израел на ист начин би ги унишутувал терористите на Хамас ако се криеа на израелска територија?

Црно-белиот свет на шарените

Класична кринџ вежба на американски начин. Го разбиваат стереотипот за белата гордост, поточно, тој стеротип го менуваат со подеднакво глуп стереотип. Една ќе каже: „Мене изјавата „горда сум што сум бела“ ми звучи сосема поинаку од “горда сум што сум црна“. И убедени се дека „белата вина“ е универзална пресуда. Ами кај нас негативец што не беше белецот Крали Марко туку Црна Арапина?

Македонија, незапирлива

Да видите како се движела листата на најсиромашни земји во Европа, од 1960-та година до сега. На почеток има таму и земји како Финска и Холандија за подоцна „да изгубат“ од некои нови таленти.  Ние на листата се појавуваме во 1990-та години и оттогаш својски се трудиме да напредуваме, за лани да завршиме како факинг четврти најсиромашни во Европа.

Две војски, две реклами

И американската и руската армија објавија реклами кои треба да ги стимулираат младите мажи доброволно да се пријават да служат војска. Двете реклами речиси и да не можеа да бидат поразлични.

Господин Ѕвер, алал да ти е

Еден од најпопуларните Јутјубери на светот, и изненадувачки неконтроверзен, Мистер Бист, за последното свое видео се подаде од САД до Кенија со план таму, а потоа и низ околината, да изгради 100 бунари за вода во рурални места кои до тогаш полнат главно од некоја околна река. Планот му успеа.

Империјата на Салт Бае е пред распаѓање?

Дури и да завршеше само на својот прв ресторан во Истанбул, приказната за Нусрет Гекче ќе беше легендарна. Дечко со курдско потекло и син на рудар, кој како дете го напушта училиштето и се вработува во месара, успева да отвори ресторан во Истанбул и да се прослави со него. Меѓутоа Нусрет реши дека Истанбул ќе биде само отскочната даска.

Принципиелноста не е мртва

„Двете дефинирачки трагедии на нашето време, војната во Украина и мандатот на Џо Бајден конечно доаѓаат до својот крај,“ вели Такер Карлсон во најава за муабетот со Глен Гринвалд. Дали воените хушкачи за Украина некогаш ќе се извинат, дали странските војни се користат за казнување на Американците, за лицемерието околу слободата на говорот, вртењето на либералните медиуми против Бајден...

Грок, вашиот автостоперски водич низ Галаксијата

„Грок“ значи да разбереш нешто темелно и човечки. Така се вика новиот четбот на Илон Маск, замислен да му помогне на човештвото да ги разбере работите. Одговара во стил на „Автостоперскиот водич низ Галаксијата“ и за разлика од другите ВИ четботови, не се снебива да  влезе во контроверзни теми и да мавне хумор и по некој сарказам. Три примери:

Ама напреднала уметноста....

Главниот град на Австрија прснал 1,8 милиони евра за фонтана со која ќе се обележи век ипол откако Виена добила чиста вода за пиење. Пазете, ова е направено, на пример, цели 261 година после римската Фонтана Ди Треви (завршена во 1762 година). Море и девет години после „Скопје 2014“ и фонтаната на Александар Македонски (која фуфкаџиите ја нарекоа Воин на коњ). Во 2023 година, за 1,8 милиони евра, Виена го доби ова.