Off Topic

Вака идните генерации ќе учат историја

И денес и отсекогаш историјата се учела полна со бројки, датуми, задолжително разликување „повод“ од „причина“... Доаѓаат генерации на кои сето тоа ќе треба да им биде дополнително преџвакано и кажано на начин кој ќе го разберат - визуелно и динамично. Еве ја лекцијата за Сараевскиот атентат и почетокот на Првата светска војна.

Кога стивнатите јагниња ќе преминат граница

Наш човек не може да не земе нешто храна за одмор ама двајца другари од Куршумлија ја однеле играта на друго ниво. Во Пефкохори решиле да земат јагне. Не сечено, транжирано, криено, туку цело, интегрално јагне. Приказната е со хепиенд, освен за нивните жени на кои после пет дена, и душата им мирисала на бачило.

Триесет и три правила, одбери барем некое

29. Не праќај гневна порака. Напиши ја, преспиј ја, избриши ја. 22. Исклучи ги сите нотификации освен оние на кои би реагирал и во три саат ноќе. 11. Научи се да кажеш „не знам“ без да се извинуваш. 8. Не се карај со некој кој ужива во карањето. 6. Имај еден пријател кој е 20 години постар од тебе и еден 20 години помлад од тебе.

Го знаете ли ефектот на Барбара Стрејсенд?

Во психологијата тоа се вика „психолошка реактанса“ - колку повеќе  притискаш нешто да се скрие, толку повеќе луѓето го бараат тоа. Како кога ќе ти кажат, „не гледај десно“ и одма ти допаѓа да погледнеш баш десно. Ако нешто сакате да тргнете од интернет, не ни помислувајте на тоа.

ТВ дуел какви веќе нема

Сакавме да пишеме да ја споредите луцидноста и досетливоста на гостите во оваа ТВ емисија од 1991 година со излижаниот шпил гости кои циркулираат на нашите телевизии, ама подобро немојте. Присутни се нашиот Циле и стариот Ѓилас но главните фајтери се новинарскиот булдожер Александар Тијаниќ и Иван Звонимир Чичак. Прво Тијаниќ доминира ама и Чичак ќе се соземе и ќе почне да враќа.  

Македонски колбас со ајвар

Јутјуб каналот 2 Guys & A Cooler (речиси 300.000 следачи) прават драгоцени туторијали за колбаси, салами, суво зреење месо и слични онтолошки теми. На ред им дошло да направат домашен македонски колбас (свинско и јагнешко) кој на крајот изгледа сочно и неодоливо. Имаат интересни финти иако некои детали не ни се најјасни, особено ајварот. 

Непријатната вистина за чистокрвните кучиња

Токму чистокрвноста е причината зошто вие мислите дека неприродно тромавиот булдог е сладок и интересен за гледање (без разлика што речиси сите имаат изместување на колковите, животниот век им е 6 години, едвај може да дишат затоа што им е сплескан носот, а главата им е толку голема што се пораѓаат само со царски рез). Дечково има уште неколку непријатни работи што сака да ви ги каже околу чистокрвните.

Орден за решавање бебиња

Тазе родители ќе го гледаат докторов како магионичар дојден од друга галаксија, со единствена мисија да ги спаси од ново-породените маки. А веројатно и нему ова му е полесно него цел ден да му трешти ординацијата.

Мајкл Џексон, Принс и Џемс Браун!

Не, нема да ви пуштиме три видеа, туку едно единствено. Сите овие тројца, еден до друг, на иста бина. Да застанат денес така заедно, со своите гравитации ќе направат таква црна дупка која има да ја проголта сета денешна музичка сцена.

Зошто велосипедистите треба да возат (речиси) на сред улица?

Затоа што е најбезбедно. Возењето близу до тротоарот е опасно затоа што таму најчесто се собира ѓубрето, има шахти (кои исправни, кои не), и преполно е со дупки. Плус од оваа позиција возачите немаат добра претстава каде си и не можат секогаш соодветно да дејствуваат (дури и да сакаат, а обично не сакаат).

Луѓето што никогаш немаат пробано чоколадо

Брегот на Слоновата коска е последното место на кое ти текнува кога некој ќе спомне чоколадо. Тоа не и пречи на земјата да биде најголемиот извозник на какао во светот со 1,6 милиони тони годишно. Луѓето од насловот се истите луѓе што ги произведуваат овие 1,6 милиони тони. Ова е нивната реакција кога прв пат ќе пробаат.

Што е татко без брада?

Таа го познава како нормално влакнесто створење кое ја чува и ја игра. Тој оди до купатило и се враќа мазен и никаков. Нејзината реакција е праведна: Си го сакам тато назад!

Среќа на стари години

Имаше еден виц кој одеше вака: Фамилијата морала да го остави дедото во геријатрија. По некое време во државна геријатрија, решиле дека стариот заслужува подобро, па нашле скапа, приватна. И стварно....

Совети што може да ви завршат работа

Не е идејата да се живее по нив, ниту пак се напишани во камен, ама може добро да дојдат за освежување на твојата перспектива на светот. Не мора сите да ги пробаш, прочитај и одбери што ти лежи.

Скопје 63

Документарец за земјотресот во Скопје, скоцкан од материјали од Застава филм, Филмски новости и тоа што можело да се спаси и што остано од архивата на Вардар филм по поплавата и земјотресот. Целата приказна почнува уште во добрите денови на Скопје.

Веројатно најважната дилема околу Троновите

(Во понатамошниот текст може да има спојлери во зависност до каде сте гледале) Прашањето е кои му се родители на Џон Сноу, а теоријата (истата е сериозно поддржана и во книгите) е дека тој не е копиле на Едарт Старк, туку е на Лијана Старк (сестрата на Едарт околу која почнува целата војна) и Раегар Таргериен, синот на Лудиот Крал. Ова го прави Џон Сноу обединител на целиот Вестерос, плус му дава одлична комбинација на натприродни моќи. Бонус, излегоа блуперите од 4-та сезона + новите ликови за 5-та сезона.

Sunrise, sunset, Samsung

Кратко филмче целосно снимено со Самсунг Галакси С5. За човек што знае што прави, 16-те мегапиксели на Самсунг, плус малку играње со ХДР-от, се сосема доволни да долови еден ваков Трст.

Како изгледала Палестина во 1896-та година?

Седум години пред Илинденското востание, браќата Лимиер најмуваат камерман (со платени придонеси) да ги направи првите снимки од Палестина и Ерусалим. Овој најверојатно им јавил, "Овде нема ништо, досадно е". Век и нешто подоцна, ги стига клетвата да живеат во интересни времиња.

Гугл Стрит Вју Ниш

Додека не стигнало кај нас да фатиме сеир на комшиите. До сега во Србија се пројдени Белград, Нови Сад и Ниш, за Македонија уште нема најави кога и каде би почнале.

Зошто да не се закачаш со мечиња?

Затоа што секогаш излегуваат со големи мајка мечки. Видеово има претерано многу Блер вич проект завршеток. Нормално, Русија.

Машката мизерија на браќата Коен

Нивната филмска кариера е богата и комплексна но на неа може да се гледа како на една долга студија на машката меланхолија. Видео есеј посветен на опседнатоста на браќата со различните варијации на машката сјебаност, раскажан преку нивните 16 заеднички филмови. Нормално, видеото е насловено: Men of constant sorrow. 

"Next director" награди на ЈуТјуб и D&AD

Во конкуренција влегува секој краток филм, спот, реклама или брендиран контент се додека е пократок од 5 минути. ЈуТјуб знаете кој се, а D&AD се Design and Art Direction, британска образовна добротворна организација која постои "за промовирање на врвност во дизајн и адвертајзинг." На кратко, многу убави работи за гледање.

Стоп конзерва!

Таман кога луѓето помислија дека од ласер можат да се збунат мачиња, кучиња и други носители на пониска интелигенција, Господ ни го праќа овој наш брат за да нè натера да не носиме прерани заклчучоци.

Свадбени тајни

На тема свадба, тајни исповеди собрани од Whisper, бесплатната апликација која нуди можност да си ја олесните душата и со светот анонимно да споделите тајна која ве мачи. Кога ќе ги види останатите, како ли ќе се чувствува човекот кој решил да признае дека на пијано ја изел тортата?

Како да зборуваш за Израел (и за што било друго)

Џон Стујарт има проблем да каже нешто за Израел без притоа да биде нападнат од другите дека е предавник, платеник и сл, исто како што е кај нас за: кој почна да краде, кој прв почна да ги троши парите, кој ги потроши парите, кој ја почна војната, кој кого натера да ја почне војната, кој го продаде името, а кој допрва ќе го продаде, кој ја уништи земјата...

Кошмарот на несудениот докторант

Олег Митасов е магистер по економија, кој ментално заболува откако наводно ја заборавил својата докторска теза во трамвај, заради што никогаш не го добива докторатот. Фотографиите се од неговиот стан во Харков, Украина, и се направени по неговата смрт.

Ренци вика: Шиш!

Матео Ренци е актуелен премиер на Италија кој на Бенито Мусолини му ја одзема титулата најмлад италијански премиер (од обединувањето во 1861-ва година). Ренци е толку млад што на англиски можат да го запишат, ваљда, догодина.

Теолошки доказ за бананата

Зошто бананата е ноќна мора за атеистите и дали е можно таква совршена каква што е (повторуваме: бананата) да не е креација на Семоќниот, во следново видео за кое уште не сме сигурни дали овој нè заебава.

Баучот на досадата

Денешната армија трудбеници можеби веќе не се "презрени и гладни" ама затоа се сè почесто "осамени и јадни". Ова е химна на сите оние кои работниот живот го минува во безлични 2 на 2 метра преградени коцки кои треба да глумат кул простори за работа.