Гигантот се буди: КК Работнички со максимален старт – сите пет победи
2 November 2026
- Импресивната игра и петте стартни победи на лидерот и досега единствениот непоразен тим, Работнички во 35. прволигашко кошаркарско првенство, во МТЕЛ Супер Лигата, се неговиот најдобар клупски старт по пауза од девет години. Во таа сезона 2017/2018 тогаш исклучително моќниот Работнички, кој беше најмалку за класа подобар од конкурентите, го заврши регуларниот дел со импресивните и неповторливи максимални 22 победи.
- Играта на сегашниов Работнички сè повеќе почнува да потсетува на славните времиња на (Годел, Фершпед) Работнички! Широк е фондот на квалитетни и за тимот мошне важни домашни кошаркари – такви се најмалку седуммина. Разновиден е начинот на игра, што го практикува шефот на стручниот штаб Владимир Мирковски, кој, помеѓу другото, одлично ја распоредува и минутажата. Темелот е цврстата и агресивна одбрана. Одлично се избрани и вкомпонирани исклучително квалитетните три странски засилувања кои се максимално подредени на тимот.
- Дали стартов мириса на борба за шампионскиот пехар во за Работнички посебно убава година во која се прославува јубилејни 80 години постоење, во голема мера ќе покаже и градското дерби против МЗТ Скопје за неколку дена.