Работнички одбележи голем јубилеј: 80 години од првиот натпревар
5 August 2026
- Кошаркарскиот клуб Работнички одбележа значаен јубилеј – 80 години од одигрувањето на својот прв официјален натпревар. На 2 август 1946 година, на големиот православен празник Свети Илија и државниот празник Илинден, започнало првото кошаркарско првенство на Македонија, организирано во рамките на Вториот фискултурен слет. На турнирот настапиле екипите на Македонија, Работнички и Ванчо Прке од Штип.
- Работнички во својот дебитантски настап го совладал Ванчо Прке со 30-8, по што штипскиот тим се повлекол од натпреварувањето. Натпреварите се играле на импровизиран терен поставен на Градскиот стадион во Скопје. Линиите биле исцртани со вар, кошевите биле изработени од железо без мрежички, а наместо кошаркарска се користела одбојкарска топка. Во тоа време не се досудувале лични и технички грешки, немало тајм-аут, а натпреварите траеле 40 минути, поделени на две полувремиња по 20 минути. За Работнички на историскиот натпревар настапиле Славко Матовски, Драган Луковски, Трајан Ивановски, Борис Анастасов, Атанас Радевски, Војче Димитровски и Илија Ќовкаров.
- Во текот на својата богата историја, Работнички изгради статус на најтрофеен македонски кошаркарски клуб. Во поранешната СФР Југославија одигра 18 сезони во елитното првенство и трипати заврши на петтото место, а стигна и до полуфинале на Купот „Радивој Кораќ“, финале на Купот на Југославија, како и до завршниците на најсилните домашни натпреварувања.
- По осамостојувањето на Македонија, клубот освои рекордни 15 шампионски титули, 10 национални купови и два Суперкупа, а бележеше и значајни настапи на европската сцена, меѓу кои четвртфинале во ФИБА Европскиот куп, пласман меѓу осумте најдобри во ФИБА Европа купот и финале во БИБЛ-лигата.