- Москва го осуди планот на Европската Унија да го прекине грантот од 2 милиони долари за Венециското биенале поради тоа што организаторите на престижната културна манифестација ѝ дозволија на Русија да отвори свој павилјон.
- „Обидите за бришење на руската култура, една од најбогатите цивилизациски култури на Земјата, се тажен развој на настаните. Всушност, руската култура отсекогаш била извор на меѓусебно збогатување и за Русија и за земјите каде што била присутна“, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
- Потпретседателката на Европската комисија, Хена Виркунен, објасни дека побарала од Европската извршна агенција за образование и култура (EACEA) да го прекине грантот за Венециското биенале, бидејќи „културата во Европа треба да промовира демократски вредности - што не се почитува во денешна Русија“. Комесарката за надворешна политика Каја Калас уште во април побара да прекине финансирањето.
- Италијанската опозиција ѝ изрази поддршка на Москва. „Културата не смее да биде цензурирана, уметниците не се војници“, изјави лидерот на партијата Венето, Лука Заја.
- Основниот Кривичен суд Скопје го ослободи од обвинение поранешниот премиер Никола Груевски за случајот „Талир 2“, за пречекорување на службени овластувања и противправно финансирање на изградбата на партиското седиште на ВМРО-ДПМНЕ.
- Судијката Даниела Алексовска објасни дека ослободителната пресуда е директна последица на законските измени од 2023 година, а не на различна оценка на доказите.
- Според Судот, иако претходно истите докази биле доволни за да се утврди злоупотреба на службената положба, по законските измени тие не биле доволни за да се докаже кривичното дело пречекорување на службените овластувања.
- Трошоците за судската постапка паѓаат на Буџетот на државата. Судот го одби и предлогот на Обвинителството за конфискација на седиштето на ВМРО-ДПМНЕ.
- Предметот „Талир 2“ повторно беше отворен по одлуката на Апелацискиот суд од јануари 2024 година, кога првостепената пресуда беше укината поради измените на Кривичниот законик. Во првото судење во 2022 година Груевски беше неправосилно осуден на 6 години затвор, но постапката беше вратена на повторно судење.
- Американски федерален суд пресуди дека има основа за покренување тужби против фармацевтската компанија Кенвју во врска со тврдењата дека нејзиниот лек против болки Тиленол може да предизвика аутизам.
- Окружниот апелационен суд во Њујорк објави дека судијата од понискиот суд немал основа да го исклучи сведочењето на Андреа Бакарели, декан на факултетот за јавно здравје на Универзитетот Харвард, бидејќи наводно не одразувал сигурна примена на научни методи.
- „Ова е оправдување за научните докази што нашите клиенти ги презентираа од почетокот. Со нетрпение очекуваме да ги презентираме тие докази пред поротата“, изјави Ешли Келер, адвокат што застапува група тужители.
- Претседателот Доналд Трамп лани им советуваше на бремените жени да не го користат лекот против болки. Обвинителот на Тексас поднесе тужба.
- Ризиците од Тиленол ги открил првичниот производител Johnson & Johnson, но избегнал да објави предупредување на пакувањето, туку го издвоил своето Одделение за здравје на потрошувачите во нова компанија Кенвју, со што практично ѝ ја префрлил и одговорноста.