- САД покренаа кривична постапка против поранешниот претседател на Куба и брат на Фидел Кастро, Раул Кастро, за дело од пред речиси три децении.
- Администрацијата на Трамп го обвинува 94 годишниот Кастро за заговор за убиство на американски државјани, во врска со соборувањето на два мали авиона управувани од кубанско-американска група во егзил.
- Американското обвинителство го товари Раул, тогаш министер за одбрана, дека наредил авионите да бидат соборени во меѓународни води.
- Идентични потези на министерството за правда беа повлечени пред блиц-кригот на Венецуела кога го киднапираа нивниот претседател Николас Мадуро.
- Европската Унија може да замрзне руски сметки поради војната во Украина, дури и ако не постои директна правна врска на сопствениците со лицата и фирмите против кои се воведени санкции, пресуди Судот на правдата на ЕУ.
- „Концептите на сопственост и контрола треба да ги опфатат сите форми на моќ или влијание што се вршат врз средствата, дури и ако не постои правна врска меѓу нив и засегнатото лице“, пишува во одлуката на судот.
- Одлуката на судот на ЕУ се однесува на три случаи во Италија, во врска со заплена на компании и јахта за кои има сомневања дека биле во сопственост на Руси на списокот на санкции на ЕУ. Судот го одобри запленувањето, иако биле утврдени само индиректни врски со санкционирани лица.
- „Целта на замрзнувањето на средствата е да се ограничат колку што е можно повеќе сите трансакции што можат да се извршат со нив. Секое заобиколување на санкциите треба да се спречи“, стои во пресудата.
- Германскиот канцелар Фридрих Мерц предложи Украина да стане „придружна членка“ на Европската Унија - да им се дозволи на украински претставници да учествуваат на самитите и министерските состаноци на ЕУ, но без право на глас.
- Украина би била опфатена со клаузулата за заемна помош на блокот и би имала право на финансирање од делови од буџетот на ЕУ.
- Привременото членство би било поништено ако Киев отстапи од стандардите за владеење на правото неопходни за целосно пристапување.
- „Очигледно е дека нема да можеме наскоро да го завршиме процесот на пристапување (на Украина), со оглед на безбројните пречки и политичката сложеност на процесите на ратификација. Предвидувам политичко решение што значително ќе ја доближи Украина до Европската Унија и нејзините основни институции веднаш... Тоа ќе помогне во олеснувањето на тековните мировни преговори“, забележал Мерц во писмо до шефовите на ЕУ - Урсула фон дер Лајен и Антонио Кошта.