Куба остана без дизел и мазут
14 May 2026
- Куба ги потроши последните резерви на гориво како последица на енергетската блокада наметната од САД. „Апсолутно немаме мазут, апсолутно немаме дизел. Немаме повеќе резерви“, изјави министерот за енергетика Висенте дела О Леви.
- Прекините на електричната енергија сега надминуваат 20-22 часа секој ден. Во Хавана синоќа избувнале улични протести поради рестрикциите на струја. Во повеќе населби граѓани блокирале улици со запалено ѓубре и извикувале: „Вклучете ги светлата!“.
- Од крајот на јануари администрацијата на Доналд Трамп наметна нафтена блокада против Куба, заканувајќи се со санкции и царини за секој што ќе се обиде да ѝ достави гориво. Престанаа испораките од главните добавувачи – Венецуела и Мексико. Последната пратка беше испорачана при крајот на март - 100.000 тони сурова нафта од руски танкер.
- Кубанската енергетска мрежа сега е целосно зависна од оскудната сурова нафта, природен гас и обновливи извори. Куба има капацитет од 1.300 мегавати сончева енергија благодарение на панелите инсталирани од кинески компании во текот на изминатите две години. Но, голем дел од таа енергија се губи бидејќи не може да се складира во батерии поради нестабилноста на несигурната енергетска мрежа.
- „Куба е отворена за секој што сака да ни продаде гориво“, апелираше министерот Леви.
- „Куба бара помош и ние ќе разговараме!“, објави американскиот претседател Доналд Трамп пред да замине во посета на Кина. Стејт департментот понуди помош од 100 милиони долари за Хавана, но под услов да бидат спроведени „значајни реформи во комунистичкиот систем“.