Букбокс гледанка: „Од највисоко до најниско“ (Highest2Lowest, 2025)

Долгоочекуваниот нов филм на Спајк Ли со Дензел Вашингтон во главната улога е верзија на „Рај и пекол“ на Куросава ги поставува истите етички прашања како и неговиот претходник во ново руво, додавајќи им боја, брзина и одлична музика. 

И покрај тоа што текстовите за новиот филм на Спајк Ли, „Од највисоко до најниско“, најчесто започнуваат со реферирање на трилерот на Куросава „Рај и пекол“ од 1963-та, коренот на обата филма е всушност во еден криминалистички роман, „Откупнината на Кинг“ (King's Ransom, со двојно значење на крал и презимето на ликот). Авторот се вика Еван Хантер (иако е познат и по бројни псевдоними) и ова не е единствен случај негово дело да е преточен во филм. Помеѓу нив се „Странци кога се среќаваме“ од 1960 со Кирк Даглас и Ким Новак, како и сценариото за „Птици“ на Хичкок. Низ Холивуд долго време кружел муабет дека Хантер е автор и на голем број порнографски романи (дури 93!), иако во текот на животот тој постојано негирал. 

Главен лик во романот е Даглас Кинг, богат директор на компанија за чевли, кој се подготвува да откупи акции со кои ќе ја контролира фирмата кога киднапер по грешка го грабнува синот на неговиот шофер наместо неговиот. Откупнината што ја бараат е толку голема што за Кинг тоа значи дека би ја загубил својата бизнис империја. Етичката дилема пред којашто е поставен - да плати или не за дете на негов вработен - е основа за критика на корпоративната алчност и класните поделби. Како што пишувавме претходно спомнатиот филм на Куросава третирајќи ја оваа тема го променил кривичниот закон на Јапонија, кој до тогаш предвидувал само 5 години затвор за киднаперот доколку грабнатиот не е од непосредното семејство на уценетиот. 

Во верзијата на Спајк Ли, милионерот Дејвид Кинг (Дензел Вашингтон) е сопственик на една од најуспешните музички продукции, Стакин хит рекордс, познат како „најдоброто уво во бизнисот“. Со оглед на пиратеријата, музичките платформи и ВИ, неговата „кралска“ позиција во фирмата е загрозена и тој се подготвува за ризичен потег - да собере се што има и да откупи значаен дел од акциите. Точно во истиот момент кога коцките ќе се поклопат, неговиот син Треј е киднапиран. Секако, и тој, како и сопругата, се подготвени на сè кога е во прашање нивното дете. Но откако станува јасно дека киднаперите по грешка го имаат Кајл, синот на неговиот пријател и шофер Пол (Џефри Рајт), а Треј неповреден се враќа дома, приказната одеднаш се менува. Сега 17,5 милиони долари се премногу и ставени на кантарот наспроти животот на друго дете, натежнуваат.  

Најпрвин, слично како и во филмот на Куросава, темпото е забавено, визуелниот стил е сувопарен, а музиката доминира. Сепак, Ли намерно го гради оваа споро движење за да постави основа за втората половина. Кинг го напушта својот раскошен стан за да ја предаде откупнината на киднаперот и амбициозен рапер Јанг Фелони (ASAP Rocky). Возот со кој патува и пулсирачката атмосфера на Њујорк создаваат една од највпечатливи секвенци во кариерата на Ли. Музиката се менува од класични мотиви кон ритмови на Џејмс Браун, камерата преминува кон крупни кадри, а драмата добива на интензитет.

Но и покрај ваквите „трилер-акција“ моменти, фокусот останува на главното етичко прашање - која е вистинската цена на човечкиот живот и колку сме подготвени да жртвуваме од нашето богатство, статус и моќ за да спасиме некој друг? Одлуката Кинг ја носи мотивиран од уште една значајна дилема - што значи да се остане доследен на уметничкото кредо во индустрија раководена од профит? Така етичкото се спојува со естетското, во филм кој е и возбудлив, и убав за око, и пријатен за уво. После неговото гледање можно е да си го пуштате саундтракот на рипит. 

Илина, Букбокс

9 September 2025 - 10:03