- Израелската влада одобри план за целосна окупација на градот Газа, главниот урбан центар во палестинска енклава. Тоа значи нова долга и обемна копнена офанзива што сигурно ќе ја продлабочи хуманитарната катастрофа на Палестинците.
- „Израелските одбранбени сили ќе се подготват за да ја преземат контролата врз градот Газа. Ќе овозможат хуманитарен коридор преку кој цивилното население ќе може да се повлече од борбените зони“, објави кабинетот.
- Премиерот Бенјамин Нетанјаху инсистирал на целосна окупација на појасот Газа, ни бил разубеден од военото раководство, кои укажале на ризикот за трупите и за преостанатите 20 израелски заложници што ги чува Хамас.
- „Не сакаме да ја задржиме. Сакаме безбедносен периметар. Сакаме да ѝ ја предадеме на арапски сили, кои ќе владеат правилно и ќе им овозможат добар живот на жителите, без да ни се закануваат“, изјави Нетанјаху за Фокс њуз.
- Израелските сили во овој момент контролираат околу три четвртини од Појасот. Повеќе од 2 милиона Палестинци се притиснати без доволно храна, вода и лекови на мала територија, во која израелските сили секојдневно спроведуваат напади. Само вчера загинале 42 лица во бомбардирања и од акции на копнените сили. „Нема што да се окупира. Не остана ништо од Газа“, изјавила за АП Палестинка од камп за раселени лица.
- Канцеларот Фридрих Мерц објави дека Германија повеќе нема да извезува во Израел оружје и воена опрема што би можеле да бидат употребени во Газа.
- „Тешко е да се разбере како операцијата за окупирање на градот Газа ќе му помогне на Израел да ги исполни своите цели. Во овие услови, германската влада нема да одобрува никаков извоз на воена опрема што би можела да се употреби во Газа“, изјави канцеларот.
- Откако на 7 октомври 2023 година почна војната во Газа, па се до 13 мај годинава, Германија одобрила лиценци за извоз на воена опрема на Израел во вредност од 487 милиони евра.
- Претходниот канцелар Олаф Шолц тивко го намали извозот на оружје од 326,5 милиони евра во 2023 година на 161 милион лани, но и тоа е пет пати повеќе отколку во 2022 година.
- Опен АИ го претстави ГПТ-5, алатка со вештачка интелигенција од новата генерација, за која тврди дека нуди експертиза на докторско ниво.
- „ГПТ-3 беше како да разговарате со ученик, ГПТ-4 како со студент. ГПТ-5 е првиот што остава впечаток дека разговарате со експерт од рангот на доктор за која било тема“, вели шефот на Опен АИ, Сем Алтман.
- Со слични епитети сите компании за ВИ ги претставуваат новите модели. Илон Маск неодамна го претстави Грок како „подбар од доктор во сè“.
- За разлика од своите претходници, ГПТ-5 е повеќе насочен кон програмерите. Опен АИ тврди дека е „почесен, попрецизен и почовечен“.
- „Новиот модел е попаметен, побрз и покорисен. Да се има нешто како ГПТ-5 би било незамисливо во историјата на човештвото“, објави Алтман.