- Првиот американски папа Лав 14-ти е убедливо најценетиот светски лидер меѓу граѓаните на САД, покажува нова анкета на Галуп спроведена при крајот на јули.
- Од 14 светски личности за кои 1.002 испитаници се изјасниле поволно или неповолно, единствено тројца завршиле со позитивен резултат. Папата е очекуван фаворит, но другите двајца се големо изненадување - украинскиот претседател Володимир Зеленски (за кого поволно се изјасниле 52% и неповолно 34%) и сенаторот Берни Сандерс (49%-38%).
- Високо котира дури и францускиот претседател Емануел Макрон со 30% позитивни мислења и 31% негативни.
- Американците имаат најлошо мислење за израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху (29% поволно и 52% неповолно) и за милијардерот Илон Маск (33%-61%).
- Иако е најпопуларен лик за републиканските гласачи, претседателот Доналд Трамп со нето-резултат од -16 е при дното на листата, зад министерот за здравство Роберт Кенеди Џуниор (-5), поранешниот претседател Џо Бајден (-11) и актуелниот потпретседател Џеј Ди Венс (-11).
- Канцеларот Фридрих Мерц објави дека Германија повеќе нема да извезува во Израел оружје и воена опрема што би можеле да бидат употребени во Газа.
- „Тешко е да се разбере како операцијата за окупирање на градот Газа ќе му помогне на Израел да ги исполни своите цели. Во овие услови, германската влада нема да одобрува никаков извоз на воена опрема што би можела да се употреби во Газа“, изјави канцеларот.
- Откако на 7 октомври 2023 година почна војната во Газа, па се до 13 мај годинава, Германија одобрила лиценци за извоз на воена опрема на Израел во вредност од 487 милиони евра.
- Претходниот канцелар Олаф Шолц тивко го намали извозот на оружје од 326,5 милиони евра во 2023 година на 161 милион лани, но и тоа е пет пати повеќе отколку во 2022 година.
- Опен АИ го претстави ГПТ-5, алатка со вештачка интелигенција од новата генерација, за која тврди дека нуди експертиза на докторско ниво.
- „ГПТ-3 беше како да разговарате со ученик, ГПТ-4 како со студент. ГПТ-5 е првиот што остава впечаток дека разговарате со експерт од рангот на доктор за која било тема“, вели шефот на Опен АИ, Сем Алтман.
- Со слични епитети сите компании за ВИ ги претставуваат новите модели. Илон Маск неодамна го претстави Грок како „подбар од доктор во сè“.
- За разлика од своите претходници, ГПТ-5 е повеќе насочен кон програмерите. Опен АИ тврди дека е „почесен, попрецизен и почовечен“.
- „Новиот модел е попаметен, побрз и покорисен. Да се има нешто како ГПТ-5 би било незамисливо во историјата на човештвото“, објави Алтман.