Не е до големината: докторската на Нобеловецот по економија од 28 страници

Во теоријата на игри, некооперативни се такви игри во кои нема надворешни услови или обврзувачки договори кои наметнуваат соработка помеѓу играчите. Но иако е контраинтуитивно, токму овие некооперативни модели можат да се искористат за да поттикнат соработка. Како? Ова го објаснил Нобеловецот Неш во докторат од само 28 страници, со само две библиографски единици. 

Докторската дисертација на економистот и иден Нобеловец Џон Неш од 1950, насловена „Некооперативни игри“, се состои во формализација на т.н. Нешова рамнотежа – фундаментален концепт во теоријата на игрите. Тој покажува дека во секоја игра со конечен број играчи и избори (стратегии), постои барем една избалансирана ситуација, каде што ниту еден играч нема мотив самостојно да ја смени својата стратегија, ако стратегиите на другите играчи останат исти. Ова денес се нарекува „Нешова рамнотежа“.

Еден од најдобрите примери за ова е тн. „Дилемата на затворениците“. Двајца осомничени за кражба се уапсени и испрашувани одделно. Секој од нив има две опции: да молчи (да не признава ништо) и да го предаде другиот (да соработува со полицијата).

Замислете дека сте Играч А, и знаете дека Играч Б ќе молчи. Ако и вие молчите, добивате 1 година (добар заеднички исход).

Но ако го предадете Б, тогаш добивате 0 години, а тој 5. 

Стабилното решение подразбира и двајцата да се предадат, со што добиваат по 3 години. Тоа е Нешова рамнотежа, затоа што: ако Играч А знае дека Б ќе го предаде, најдобро е и тој да предаде. Ако Б знае дека А ќе го предаде, најдобро е и тој да предаде. Иако двојното молчење би било подобро за двајцата (1, 1), тоа не е стабилна рамнотежа затоа што секој од нив би имал корист од тоа да го издаде другиот, со еднострано менување стратегија (предавање), што би му донело 0 години казна на едниот, а на другиот 5. 

Спомнатата дисертација е одбранета на Универзитетот Принстон, со тоа што текстот имал само 28 страници. Делот за библиографија исто така бил „лајтерица“. Цитирани се само два текста - „Теоријата на игри и економското однесување“ од 1944 на Џон фон Нојман и Оскар Моргенштерн, и уште еден, напишан од самиот Неш. 

Ова е за сите оние кои пред дипломирање, магистрирање и докторирање прашуваат „а колку страници треба да има трудот?“ - не треба да има многу, за тој да стане основа за цела област и да донесе Нобелова, како во случајов. Џон Неш ја доби Нобеловата награда за економија во 1944. 

12 May 2025 - 15:17