Сте слушнале за зависност од јадење риба?

Опсесијата со јадење риба за во старогрчката култура била поврзувана со различни социјални девијации, од прекумерно јадење и коцкање, до раскалашност и нимфоманија.

Според легендата, древниот поет Филоксен посакал да има врат долг колку жерав, за да може да го пролонгира времето на голтање, односно подолго да ужива во храната. Друга формулација на оваа желба доаѓа од третиот век п.н.е. од поетот Махон, кој раскажувал дека истиот тој Филоксен ова го посакувал за да може буквално истовремено да пие и да јаде, односно да не прави пауза помеѓу двете. 

Оваа дрчност за него била смртоносна - Филоксен практично се самоубил кога сакал да проголта огромен октопод. Кога бил повикан доктор, пациентот се збогувал со стоичка резигнација: сите негови дела биле комплетирани, немал долгови, а последната желба му била - едно залче од октоподот, за да го однесе со себе во задгробниот живот.

Ваквите лакоми ликови - опсофаги - станале „мемиња“ во атинската комедија. Коренот на зборот е „опсон“, што првично се однесувало на што и да е што би можело да придружува скробесто јадење базирано на житарици, подоцна почнало да означува само на риба. Опсофаг, значи, е некој зависен од риба, чија желба за морска храна станува самоуништувачка опсесија. Се велело дека ваквите луѓе не можат ни да дочекаат испечената храна да им се олади, туку развиле некаков вид огноотпорно ткиво во прстите што им овозможувало рибата да ја јадат и врела.

Свежата риба била скапа, па отаму уживањето во неа било еден вид „хипстерско“ уживање. На големиот рибен пазар било лесно да се забележи кој купува фина морска храна, а кој не може да си ја дозволи. Опсофагот во оваа смисла се поврзувал со некој вид морална паника: човек кој ги троши своите богатства на моментални задоволства, раскалашник кој живее над своите можности или алчен гостин повикан на вечера кој граба од најубавите јадења. 

Дури и Сократ се загрижил по ова прашање. Филозофот и историчар Ксенофон се сеќава на вечера на која Сократ забележува дека еден од гостите ги турка на страна прилозите и лебот, го нарекува „опсофаг“ и ги повикува другите гости да го држат на око. 

Така, да се биде опсофаг се смета за повеќе од само личен проблем - тоа се поврзува со секаков вид општествени девијации, кои им се припишувале и на корумпираните политичари. Некои од нив наводно ги трошеле сите свои пари (од мито) на риби. Опсофагот бил вид тиранин на софрата, брутален, самобендисан и без скрупули - својства кои се прелевале и во други аспекти на животот.

Гладта по риба се сметала и за облик на страст и се поврзувала и со сексуални пороци. Метафоричната врска помеѓу рибите и сексуалните органи секако помогнала во ова. 

Опасни како дрога, политички дестабилизирачки, неодоливо заводливи: кој би рекол дека пастрмките, гириците, ракчињата и октоподите би можеле да бидат толку моќни? Опсофагот бил комична фигура, но како и други вицови и смешки ги претставувал стравовите и завидливоста на оние кои ги кажувале. 

извор

10 мај 2025 - 10:01