Близначките кои ги шармирале Орвел и Ками

Во нова книга „Зашеметувачките сестри Паже“, авторката Аријана Банкс, врз основа на ракoписи оставени од нејзините мајка и тетка, разоткрива помалку познати фигури од 20 век. 

Се викале Селија и Мамен Паже и биле идентични близначки. Родени во 1916, тие останале сирачиња на 12 години и биле образовани нековенционално, станувајќи дел од интелектуалните движења на 20 век - дружејќи се со ликови како Џорџ Орвел, Артур Кестлер, Алберт Ками, Жан-Пол Сартр, Симон де Бовоар, Бертранд Расел и други. 

Иако не ги објавувале своите дела, приватно пишувале многу и пишувале одлично. Селија, на пример, уредила збирка од писмата на Мамен до Кестлер, австро-унгарскиот полимат кој бил нејзин најпрвин љубовник а потоа и сопруг, со кого имале бурна врска (книгата е објавена дури во 1985). 

Четириесет години подоцна, ќерката на Селија, Аријана Банкс, откако наследила огромен лимен сандак исполнет со коверти и папки, објавува восхитувачка биографија за нејзините мајка и тетка. Книгата е излезена на 29 април оваа година, под наслов „Зашеметувачките сестри Паже“ (The Dazzling Paget Sisters). 

Таа, иако мала по обем, е полна со анегдоти кои вклучуваат славни личности. На пример кога Селија, преправајќи се дека е Мамен, на патување во Париз се сретнала со Сартр. Истата таа се „мувала“ со Орвел кратко време пред тој да ја објави „1984“ и да подлегне на туберкулозата. Тој ѝ праќал списоци на крипто-комунисти (лажни „другари“) за кои верувал дека имаат симпатии кон сталинизмот. 

Мемоарот е интимен портрет на едно загубено доба и на машките мислители кои доминирале со него, но погледнато низ женски очи. 

9 мај 2025 - 15:01