
Ретко се случува уметноста да го имитира животот толку буквално како што тоа го направи филмот „Конклава“ (The Conclave) од 2024. Политичкиот трилер го прикажува процесот на избор на нов папа по смртта на негов неименуван претходник. Базиран е на романот на Роберт Харис од 2016 година, во главната улога е Ралф Фајнс, а во другите улоги се појавуваат Џон Литгоу и Стенли Тучи.
Како и секогаш кога станува збор за холивудско прикажување на реалноста, некои елементи на тајниот собир на кардиналите се додадени за драмски ефект, а некои од најголемите пресврти (кои нема да ви ги откриеме за да можете раат да го изгледате) беа толкувани како силна анти-католичка пропаганда.
Основните елементи на собирот и процедурите се прикажани верно - кардиналите живеат, јадат и се социјализираат во верзија на Каза Санта Марта, гостински простории во Ватикан наменети меѓу другото за одржувањето на конклавите. Филмот ја прикажува и славната Сикстинска капела во моментот кога во првите сцени цел тим проверува дали можеби во неа има поставено прислушни уреди, пред почетокот на тајните утрински и вечерни гласачки сесии, на кои кардиналите на ливче го запишуваат името на својот фаворит. Во трилерот тие ги ставаат гласовите во кутија, но во реалноста станува збор за сребрена урна. Откако процесот на гласање завршува, одговорниот за оваа работа ги чита имињата на глас.
Доколку не се постигне мнозинство од две третини, гласачките ливчиња се нижат на конец и се палат со адитив кој произведува црн чад, што за оние надвор означува дека папата се уште не е избран. Кога адитив нема, односно кога чадот е бел, тоа означува позитивен исход.
Во филмот јасно се означени фракциите, при што кардиналите прилично очигледно се залагаат за еден кандидат а се против друг. Кардиналот Алдо Белини (когошто го игра Тучи) е прикажан како водечки либерален кандидат, кој сака да ја реформира Католичката црква и да ги следи чекорите на починатиот папа. Од друга страна, кардиналот Гофредо Тедеско (игран од Серџо Кастелито) е италијански кандидат кој го претставува конзервативното крило. Голем дел од нив, како и во реалниот живот, се амбициозни и суетни, други се многу внимателни и во зборот и во однесувањето. Таков е кардиналот Лоренс (Ралф Фајнс) кој во филмот ја игра улогата на камерленго (човекот кој вообичаено го презема раководењето на централното тело на Католичката црква по смртта на папата) но и на раководителот на Собирот на кардинали. Во реалноста ова се две засебни улоги.
Најкритикуван детал од филмот е описот на позицијата „таен кардинал“ кој игра клучна улога во заплетот. Во моментот кога конклавата се подготвува да се изолира, кардиналот Бенитес, архиепископ на Кабул, пристигнува носејќи со себе писмо кое му го дал претходниот папа, назначувајќи го како cardinal in pectore (кардинал во тајност). Ликот на Фајнс на ова реагира со - немаме друг избор освен да го пуштиме да учествува во конклавата. Но ова е грешка, бидејќи доколку името на конкретниот човек не е изговорено пред Советот на кардинали, тој нема право да присуствува на конклавата (значи може да е таен само вон овој Совет). Освен тоа, возраста на Бенитез, која не е точно искажана во филмот но изгледа како да е некаде околу 50-тата, би било пречка за негова номинација. Во Ватикан некој кој има 65 или 70 се смета за млад. Мал број кардинали би сакале нечие владеење да трае 30 години.
Кардиналот Лоренс прекршува уште неколку правила, како влегување во запечатени простории на починатиот папа, а истовремено му кажува на друг кардинал нешто што му било доверено за време на исповед. Ова тешко би му поминало, во средина во која додуша знаат да поминат и многу поголеми прекршоци.