Внимавајте на што се обложувате, да не завршите 10 години со шлем на глава

Приказната има повеќе верзии, ама да почнеме од оваа. Човек во долгови наслушнува муабет во кој се проценува дали би било можно човек со витешки шлем, туркајќи количка за бебе, да го помине светот пеш. Доброволно се пријавил, за денешни 3 милиони долари. 

Тоа била една од најчудните сцени кои се случиле во Лондон. Вечерта на Нова година 1908, толпа на плоштадот Трафалгар се собрала за да види човек кој на главата носел шлем во стилот на средовековните витези. Пред него имало количка за бебе, само без бебето. На неговата облека биле испишани зборовите: „маскиран“ (како да не било очигледно) и „пешачам низ светот“. 

„Збогум“ им викнал тој на насобраните, иако зборовите едвај се слушале од металниот шлем. „Се гледаме за 10 години“. 

Како што самиот им објаснил на насобраните новинари, тој имал намера да се впушти на бизарно патување низ стотици градови низ светот, истовремено туркајќи ја количката. Кажал дека му биле дадени специфични упатства, вклучително и тоа дека никој не смее да го открие неговиот вистински идентитет и дека не смее да прими пари или друг вид помош. 

Доколку го заокружи подвигот, требало да добие тогашни 100.000 долари (денешни 3.2 милиони). Иако ова звучело како добра причина за некој да потроши 10 години од животот, сепак јавноста имала многу прашања. Кој го плаќа? Зошто? Како ќе докаже дека ја прошетал целата Земјина кугла? И најважно - кој е всушност тој?

Како што ќе се дознае подоцна, приказната имала предисторија. Таа започнала во 1907, кога самопрогласен плејбој во своите рани 30-ти години, по име Хенри Бенсли, влегол во престижниот Национален спортски клуб во Лондон, и начул интересен муабет. Едниот соговорник бил американскиот милионер Џ. П. Морган, а другиот исто така импресивно богатиот Хју Сесил Лоутер, кој имал и аристократска титула „ерл“. 

Според Бенсли, тие двајцата, во лежерен разговор, анализирале дали би било можно човек да испешачи низ светот туркајќи бебешка количка, без да биде идентификуван. Кога го слушнал ова, Бенсли сфатил дека му се пружа животна прилика - решил да го прифати предизвикот.

Но во сето ова имало уште куп бизарни услови. Тој можел со себе да има 1 фунта (денешни 100), но не смеел да прима подароци од каков и да е вид. Да, требало да носи шлем и да турка количка, но и да има постојана придружба. Да пропатува 169 градови и села во Британија и да посети 125 градови во 18 други земји. На својот пат требало да си најде сопруга. И за да го докаже сето ова требало да собере потписи од градоначалниците или од други официјални лица од областите што ќе ги посетел.

Така, Бенсли трогнал на пат на 1 јануари 1908. Планот бил прво да ја заврши Англија, па Шкотска, па Канада, па Јапонија. Секаде кадешто ќе се појавел се собирала љубопитна толпа, а некои од нив барале сувенир - фотографии, кои ги дистрибуирал неговиот асистент, познат само како г-дин Ален.

Токму ваквата продажба на разгледници, слики и памфлети му носеле средства, а количката била преполна со нив. На некои места продавал 600-800 сувенири, доволно за да има за храна и засолниште. 

Сепак, ова не било така едноставно. Кога јадел морал да биде сигурен дека ќе го извади шлемот пред луѓе што нема да го препознаат. Се случувало да најде слугинка под креветот, која се скрила за да може да го види мистериозниот патник. Еднаш продал картичка на улица, на место кадешто тоа било забрането. Судот сепак му дозволил да ја задржи маската додека му одредувал казна. 

На крајот на 1908, Бенсли проценил дека имал изодено 3862 километри. И да, притоа нашол сопруга која му се придружила во потфатот. Весниците почнале да шират глас дека човекот под шлем иил рекламира количка, или шлем или себеси. И навистина, во јануари 1909, една година по почетокот на авантурата, вистината излегла на видело.

Ниту имало облог, ниту 100.000 долари. Бенсли бил во затвор за бигамија кога почнал да чита за човекот со железната маска, инспирација за истомениот роман на Александар Дима. Францускиот затвореник од крајот на 17 век никогаш не бил идентификуван. Ова му дало идеја на Бенсли дека и тој може на овој начин да се провлече низ дупките на законот. 

Сепак, по таа една година силите почнале да го напуштаат. На неколку пати се онесвестил крај патот, а имало и денови кога не можел да стане од кревет. Тогаш одлучил самиот да ја признае измамата. Подоцна изгледа му паднало криво за инаку совршениот план, па тврдел дека продолжил со патувањето до 1914 и дека за малку ќе го завршел кога морал да прекине поради избивањето на Првата светска војна. Џ.П. Морган, велел, му платил 420.000 долари, како утешна награда.

Само, работата била што Морган умрел во март 1913, и не можел да го стори ова. Но со оглед на времето и бавното патување на вестите, многумина поверувале во оваа приказна, која се повторувала и кога во 1956 Бeнсли починал на возраст од 80 години. Неговите наследници тврделе дека всушност тој бил во големи коцкарски долгови и дека предизвикот морал да го прифати за тие да му бидат простени. 

Приказната предизвикала и појава на имитатори. Така, данскиот новинар Мариус Бернстарф Шредер објавил дека ќе пропатува низ светот додека носи лисици на рацете 22 часа дневно. Парот познат како Дијанели и Зенарчи се ставиле во буре, давајќи заклетва дека нема да излезат од него освен во итна ситуација, додека биле превртувани сосе него. И сето ова наводно поради облог.  

14 November 2024 - 16:18