Едноставната формула на Законот на Ифрам е - „Сè што може да работи, ќе работи“ (или ќе се оствари, ќе профункционира). Наречен „обратен Марфиев закон“, неговото име е токму тоа, МАРФИ прочитано наназад.
Првата референца на него е најверојатно на познатиот финансиски новинар, колумнист во списанието Баронс, Алан Ејбелсон. Тој го спомнува во статија од декември 1974, како критика на мрачните финансиски предвидувања од тоа време, за кои тој мислел дека се погрешни или барем претерани. Според негово мислење, депресијата (во финансиска смисла) се појавува само кога се игнорирани знаците на предупредување за истото. Самото предвидување значи дека тоа најверојатно нема да се случи, затоа што некој увидел дека може да има проблем. Законот оттаму според него не би требало да биде „Сè што може да тргне погрешно, ќе тргне погрешно“, како што гласи оригиналниот Марфиев, туку „Сè што би требало да тргне погрешно, нема“.
Ова е слично со формулацијата на Ифрамовиот закон на Ричард Зекхаузер, професор по политичка економија на Харвард кој вели: „Понекогаш системите кои не би требало да работат, сепак работат“.
Законот охрабрува верување во позитивни исходи кои се должат исклучиво на случајност - дека системите можат да утнат, но и успешно да функционираат вон нашите очекувања. Со други зборови, дека веројатноста нештата да излезат на добро е исто толку голема колку што е вистина и обратното. Ова секако ако двата закона се земат предвид во пар, како две страни на една иста медала или како „јин“ и „јанг“.
И покрај позитивната порака, Ифрамовиот закон е критикуван затоа што премногу оптимистично гледа на реалноста, а тоа може да ги замагли потенцијалните предизвици и проблеми. Ако се потпираш на тоа дека сè ќе биде во ред, без притоа да се подготвиш за можноста за неуспех, тоа може да биде наивно и потенцијално опасно. Но можеби оптимизмот не е наивен - тоа е само облик на храброст да се оди напред, па макар и контра Марфиевиот закон.