Нова книга под наслов „Јадење и постоење“ на историчарот на наука Стивен Шапин е всушност историја на диететиката, но и начин да се размислува за најфундаменталните категории на човечката физиологија, личност и моралност. Вечерата никогаш не е само вечера. Шапин ги трасира бавните трансформации на начините на кои луѓето замислувале дека функционираат нивните тела, како храната се вградувала во него и каква корист или штета притоа можела таа да направи.
Иако неговиот интелектуален замав е многу поширок, тука ќе се задржиме само на еден елемент кој и денес нè прогонува, сите нас што се обидуваме да симнеме по некое кило. На крајот на 19 век, Вилбур Олин Атвотер (не знаевте дека тој е виновен, нели?), американски хемичар кого го сметаат за „татко“ на модерниот нутриционизам, ги применил законите на термодинамиката на човечкото тело. Сфатил дека може да ја искористи калоријата - единица енергија - за да „преведе“ храна во бројки. Од тогаш наваму нутриционизмот почнува да се занимава со мерење на тоа колку храна им треба на различни тела за различни облици на работа, за да се масимизира продуктивноста, но и да се одбегнат здравствени проблеми поради премногу или премалку храна.
Атвотер ги пресметал калориските трошења на мажите кои возеле велосипед или мислеле (да, мислеле), или на жените кои везеле и миеле садови. На шивачка во Лондон во тоа време ѝ биле потребни 1820 калории дневно. На столар во Лајпциг, 2757. На добро нахранет ковач во Англија, речиси 5000. Нутриционистите почнале да се бунтуваат и против прекумерната обработка на храна - тоа што домаќинките го преварувале месото или пак го принесувале без додаток на зеленчук. Американското биро за земјоделство почнало да им праќа памфлети на жените за практично готвење и информации за својствата на различни видови храна.
До средината на 20 век, јазикот на нутриционизмот - калории, протеини, метаболизам - станал дел од начинот на којшто повеќето луѓе мислеле за прехранувањето на своите тела. Сепак, старите сфаќања, дека на пример тазе супа од кокошка може да помогне при настинка иако тоа нема голема врска со нејзините прехранбени квалитети туку со поапстрактни елементи, опстанале.
Еден поинтересен пресврт се случил со тоа што нутриционистите и лекарите кога зборувале за прехраната веќе почнале да завлегуваат и во други сфери, како врската помеѓу јадењето и сексуалноста или јадењето и доблеста. Нутриционистот веќе не кажува само што е здраво, туку и што е добро. Нутритивните информации на позадината на кутиите (ако можете воопшто да ги прочитате, бидејќи често се со толку ситни букви што ви треба лупа), веќе не се само неутрален и научен водич за здравје. Тие често се пресуда, дали нештото смее да се јаде или не, бидејќи да се биде слаб е не само здраво, туку и морално исправно. Телото е доказ за карактер, манифестација на највисоките (особено женски) доблести. Задоволствата на софрата припаѓаат на сите времиња и на сите возрасти, на сите земји и на секој ден - тие одат рака под рака со други наши задоволства, но понекогаш се и нивен единствен извор.
извор