Како „мисионерската позиција“ го добила своето име?

Зошто нешто што многумина би го нарекле најкласичната или најконзервативната од сите сексуални позиции е именувано според мисионери? Да ѕирнеме под чаршафите. 

„Мисионерска“ е необично име за хоризонталната, често хетеросексуална „лице в лице“ поза, во која мажот е одозгора. Но приказната за неа е повозбудлива отколку што се очекува.

Од средниот век, католичките папи, бискупи и свештеници требало да се воздржуваат од секс, а ваквата апстиненција ги приближувала до Бога. Но на црквата ѝ биле потребни луѓе и подмладок, а тој (подмладокот) наводно најдобро бил правен преку една особена сексуална позиција - мисионерската. Црковните авторитети го тврделе ова со векови, не базирано врз некакви научни докази, туку врз основа на логика поврзана со гравитацијата. 

Сепак, според тврдењето на современи историчари, ова е урбана легенда. Мисионерите не оделе наоколу да зборуваат за секс и најефикасни позиции. Но тоа не значи дека наметнувале нов систем на сексуален морал и вредности. Ова ја вклучува и Индија, родното место на Кама Сутра, древниот водич за љубов и секс, каде овие теми станале табуа кога мисионерите помогнале Британците да ја колонизираат земјата. 

Вистината за терминот „мисионерска“ е најверојатно следната - во 1948 американскиот сексолог Алфред Кинси ја пишува револуционерната книга „Сексуалното однесување на човекот-маж“, во која тврдел дека Американците преферираат позиција лице-в-лице и мажот да биде одозгора. Тој ја нарекол „американско-англиска позиција“.

Но во понатамошниот текст тој го цитирал антропологот Бронислав Малиновски кој ги проучувал сексуалните животи на жителите на Тробријандските острови во Папуа Нова Гвинеја. Малиновски забележал дека тие му се посмевале на начинот на кој белите мажи водат љубов, изведувајќи пародии на „англиско-американската позиција“ на собиранките околу огнот, проследени со громогласна смеа. Локалците таа позиција наводно ја нарекувале „мисионерска“, имено затоа што белците за нив биле мисионери. 

Проблемот е што Кинси не цитира коректно - Малиновски навистина ја опишал пресмешната сцена, но кај него пишува дека Тробријандците ја научиле од „бели трговци, фамери или службеници“, а не од мисионери. Тие сепак го спомнувале овој израз, но поврзан за нешто поромантично, за обичајот белците да си ги држат саканите за рака и на тој начин јавно да изразуваат приврзаност. Тоа за нив била „мисионерска мода“. 

Без оглед на погрешниот цитат, ова со позата звучело подобро па откако еднаш навлегло во јавниот дискурс, таму и останало. Ова го открил антропологот Роберт Прист во 2001, во статија под наслов „Мисионерска позиција: христијанска, модернистичка, постмодернистичка“, за која западнал во сложена потрага за вистината позади името:

„Кинси измислил легенда истовремено верувајќи дека пренесува историски факт. Тој сковал нов израз, мислејќи дека всушност само повторува нешто што веќе било измислено“, вели тој. 

15 ноември 2024 - 19:06