Копилиња во фантомки и објавија војна на Франција, на нашата демократија, на нашите вредности. На слободата. Ние чувствувавме како расте, оваа терористичка штеточина. Ние чувствувавме како доаѓа пред нашите врати, оваа безумна омраза. Ние дури бевме и "предупредени" од оние кои во ништо не би уживале повеќе отколку да не' видат на колена.
Од Сахел до сириските рамнини, и малите, тивки париски улици кои се домот на седиштето на Шарли Ебдо, ова е истата варварска сила која се спротивставува на она кои сме ние. Нашата слобода им пречи на овие исламски фанатици. Моливите на Шарб, Шабу, Волински и Верлак (Тињо) им беа проблем, цртежите ги опседнуваа нивните кутри умови, тие не можеа да го поднесат смеењето. Тие се против животот, и мразат се што гледаат на Западот. Не е ни чудо што овие џихадисти сакаа да удрат во срцето на земјата на Просветителството.
Исламизмот е интелектуална празнина. Секаде каде што се шири, тој го напаѓа знаењето, им забранува на милиони девојчиња да одат на училиште, додека во исто време ги регрутира момчињата во мадрасите. Без разлика дали се нарекуваат Талибани или ИСИС, има еден јасен начин за да се препознаат овие варвари: тие се згрозени од оние кои добро го користат пенкалото. Зборовите, слободата на говорот, таа развеселувачка радост да се исмее нешто, оваа слобода да се каже што сакаш само затоа што така се чувствуваш, тоа ги згрозува. Тие не можат ниту да ја разберат. Тие го наметнуваат нивниот мрачен превез преку знаењето, прогресот, духот на Волтер, овој господар на сатирата и карикатурата. Тие сакаат да не' затворат во нивната празнина. Тие нема да успеат, ама по колку тага, болка и непоправлива загуба!
Нема спогодување
Овој напад против нашите колеги очигледно не е дело на неколку очајни поединци. Тој е внимателно планиран, а употребениот арсенал покажува дека тој е многу добро организиран. Сите знаци покажуваат дека тој е осмислен за да го поткопа француското општество во неговата срж, во време кога тоа е фрагилно. Целта на нападот е да ги турне нашите различни заедници да се кренат едни против други.
Соочени со овој варварски кукавичлук, нема предавање. Борбата против назадните сили се одвива надвор од нашите граници, против ИСИС, Боко Харам и сите ужасни организации од слична сорта низ светот.
Меѓутоа таа се води и кај нас дома, преку реафирмација на принципите на нашата република, без кои ниту една национална заедница не може да постои. Ние мора да го реафирмираме принципот на секуларност, основна и единствена вредност на францускиот идентитет против која исламистите ја водат својата војна. Не смееме ништо да изгубиме од различноста, принцип за кој нема нагодувања а на кој му противречат одредени умови од мрачното доба, кои наоколу наоѓаат изговори за подла поделба на половите или за да ги кријат лицата на жените.
Ништо, на крај, не смее да ја попречи нашата слобода на мисла. Ја стекнавме преку напорните битки кои ја исковаа оваа држава. Ги знаеме вредностите кои ги наследивме и што мораме да направиме за овој тест со кој што се соочуваме да ја направи нашата држава посилна и пообединета. Ова е најмалку што Франција им го должи на своите нови маченици.