
Лиза Симпсон, уметница од Бразил (случајно исто име како и ликот од Симпсонови), работи во студио кое изгледа како комбинација на шивачки салон и постиндустриски стимпанк. Станува збор за простор во јужниот дел на Берлин, кој е полн со стари машини за шиење и закачалки со шапки, чанти и текстилен фабрички отпад.
Но за разлика од обичниот кројачки дуќан, овие нешта се поврзани со кабли и синтисајзери. Разнобојните машини за шиење за деца се поврзани со виолетови телефончиња, шпенадлите и иглите со микрофони.
Некои од „сингериците“ се навистина за шиење, но повеќето живеат втор живот како музички инструменти. Самата уметница е самоука инженерка, која ги конвертира во нешто што личи на синтисајзер за изведби во живо.
Заедно со уметниците базирани во Минхен, Стефани Милер и Клаус Ерика Дитл, Симпсон има основано колектив од колеги кои се подеднакво опседнати со оваа тема - „Ансамбл облечен во звук“. Нивниот најголем настан се случуваше изминатиов викенд, премиера на „Поостро од игла“, што истовремено е и прв концерт на оркестар составен од текстилни машини на светот. Перформансот се случи вчера, недела 23.02., во театарот Камершпиле во Минхен, точно по затворањето на избирачките места на германските избори.
Мешавина помеѓу анархистички хепенинг и поп концерт, тоа е комбинација на шивачка забава и експериментален театар, со 20 изведувачи на сцена, плус една слободна машина доколку има заинтересиран волонтер од публика. Дел од костимите се менуваат во текот на изведбата, односно на нив се штепуваат нови делови, со што тие добиваат ново значење.
Перформансот според изведувачите има и симболична, феминистичка порака, со оглед на потценетиот женски труд на пазарот. Исто така, акцентирањето и реконтекстуализацијата на вештината на шиење е критика на современиот моден пејзаж.