Во 1972 година, Кралството Бутан направило нешто што дотогаш никому не му текнало: серија поштенски марки изработени од пластика, кои всушност се минијатурни винил-плочи. Станува збор за седум еднострани марки што се вртат со 33 1/3 вртежи во минута и можат да се пуштат на обичен грамофон. Доволно било да се одлепи задната хартија и марката да се залепи на плик или разгледница. На нив имало снимки од бутански народни песни, химната на државата, како и кратки историски прегледи на англиски и на џонгка, локалниот јазик.
Долги години филателистите ги сметале овие марки за кич и евтини новитети. Во почетокот на деведесеттите цел комплет се продавал за релативно скромна сума. Но кога ги откриле ретро-винил колекционерите, особено во САД, нивната цена нагло пораснала. Денес комплетот достигнува неколку стотици долари, а некои предвидуваат дека вредноста дополнително ќе расте.
Зад оваа необична идеја стои Американецот Берт Тод, роден во 1924 година во богато индустриско семејство од Питсбург. Тој бил типичен авантуристички лик од средината на 20 век: пилот, патник, ловец, претприемач. По воената служба се запишал на Оксфорд, иако немал формални квалификации. Дипломирал право во 1949 година.
На Оксфорд се спријателил со Аши Кесанг Чоден Дорфи, идната кралица на Бутан. Во 1951 година бил поканет на нејзината свадба со кралот Џигме Дорџи Вангчук. Патувањето до Бутан било вистинска експедиција, бидејќи земјата тогаш немала аеродроми, а пристапот бил можен само пеш и на коњ. Подоцна Тод повторно престојувал во Бутан и воспоставил блиски врски со кралското семејство.
Кога кралот побарал помош за финансиски развој, Тод се обидел да обезбеди заем од Светската банка, но без успех. Наместо тоа, му било предложено Бутан да собира средства преку издавање поштенски марки за светскиот колекционерски пазар. Така во 1960 година Тод ја основал Агенцијата за поштенски марки на Бутан.
Во почетокот марките биле традиционални, со мотиви од кралскиот грб, јакови, манастири и хималајски пејзажи. Но Тод сфатил дека за да привлече внимание на глобалниот пазар, му треба нешто поиновативно. Следеле кружни марки со златен релјеф, 3Д-марки на тема вселенски истражувања, свилени марки со будистички знамиња, парфимирани изданија, па дури и марки од челична фолија.
Круна на неговата креативност биле токму звучните марки од 1972 година. Секоја имала различна боја и содржина: химна, народни песни, историја на земјата на два јазика. Тие претставуваат редок спој на филателија и аудио-технологија, мал предмет што истовремено е и поштенска марка и грамофонска плоча.
Берт Тод починал во 2006 година, но неговата склоност кон иновации продолжила и во семејството. Неговата ќерка Франсис подоцна издала ЦД-РОМ марки со документарни видеа за Бутан. Така малото хималајско кралство останало запаметено не само по својата култура и будистичка традиција, туку и по еден од најнеобичните поштенски изуми во историјата.