Македонската Википедија страница за „Приказната за Силјан“ вели - „македонски ДОКУМЕНТАРЕН филм од 2025 на Тамара Котевска, кој ја следи приказната за еден земјоделец што спасува повреден бел штрк, по што меѓу двајцата се создава длабока врска“. Светската премиера се случи на 29 август 2025 на Фестивалот во Венеција, а веќе во септември 2025 тој беше откупен од компанијата National Gеographic DOCUMENTARY Films. На сајтот на Синплекс, кадешто во моментов се прикажува, под насловот исто така пишува - ДОКУМЕНТАРЕН ФИЛМ.
И навистина, тој зборува за ликови и предизвици кои се препознатливи за нашата средина - деградација на селото и на земјоделскиот труд, иселувањето на младите, еколошките проблеми. Сето тоа врз позадината на митолошка матрица на фолклорниот Силјан, за судирот на генерациите и родителската клетва упатена кон непослушниот син, казнет со тоа што е претворен во штрк, без постојан дом и гнездо. За сите оние кои се уште не го гледале, следуваат „спојлери“, иако негативниот призвук на ваквиот термин не е секогаш оправдан - „спојлерот“ некому може да му биде и „подобрајзер“ (не е ова трилер-мистерија, па да го откриваме убиецот).
Хипнотички воведени во пејзажите на Чешиново и животот на земјоделецот Никола, нашите очекувања од филм кој се нарекува себеси документарец најпрвин се исполнети. Но набргу довербата во документарноста почнува да се тенчи. Исценирано делуваат протестите на земјоделците и ТВ вестите за нив, разговорите помеѓу помладите (наводно) иселени во Германија и родителите, како и огласувањето на нивите на продажба, одлука која во холивудско-оптимистички пресврт на крај се повлекува. Ова „помладите“ намерно го оставаме така, неодредено, бидејќи не сфативме дали станува збор за ќерка и зет, или за син и снаа. Во списокот на учесници (улоги?) се наведени Никола, Јана, Александра, Александар и Илина Цоневи, поради истото презиме најверојатно татко, мајка, снаа, син и внука. Но кога Никола во две сцени се жали дека неговиот син („Нацето“) го оставил сам, иако му било дадено сè, дури и поткровјето од родителската куќа, почнавме да се прашуваме дали е тоа некој друг, можеби постар и „одметнат“ син, или е вметнат само заради симболичкото поврзување со Цепенковиот, непослушен и проколнат Силјан.
На гледачите кои нема да се заморуваат со поставување вакви „шерлокхолмсовски“ прашања, филмот речиси сигурно ќе им се допадне. Етикетата „документарност“ кај нив не мора да создава очекување за „опсервациска доследност“, без структурирање сцени заради драмски ефект, без прескокнување или премолчување информации за да се создаде с'спенс. Тие просто сакаат да гледаат убав ФИЛМ. И не само што не е проблем што тој е „местен“ - сите се горе-долу такви - туку не е спорно и тоа што степенот на таквото местење не е јасно сигнализирано.
„Можеби оперираме со аутдејтед дефиниција за документарец“, беше реакција на пријател со кого ги споделив дилемите. Ама ако не постои категорија која оперира со построги стандарди на вистинитост, односно ако тие можат по потреба да се заобиколуваат и „апдејтуваат“, тогаш чуму ни е документарноста воопшто?
Илина, Букбокс