Изразот „Си беше некогаш...“ е стандарден на почетокот на приказните во голем број култури. Тој се среќава во финскиот (olipa kerran - имаше еднаш), на јазикот африканс кој се зборува во Јужно-африканската република и Намибија (eendag lang, lang gelede - еден ден многу многу одамна) или во англискиот (once upon a time). Но зошто приказните почнуваат на овој начин?
Конкретниот израз прв пат се среќава во пишувана форма во малку поинаква верзија, во „Животот и страданијата на света Јулијана“ датирана околу 1225. Книгата почнува со „Во тоа време, како што вели легендата...“.
Фразата станала повообичаена во текот на 14 век. Се среќава во „Сер Фермбрас“, поема лоцирана во текот на владеењето на Карло Велики и објавена околу 1380-та, а наскоро потоа во „Приказната за витезот“ на Џефри Чосер во „Кентербериски приказни“.
При крајот на 16 век, таа била толку користена што веќе станала предмет на исмевање и сатира - асоцирала на нешто измислено и лажно. Нејзиното место во книжевноста се зацврстило благодарение на првите англиски преводи на најпознатите бајки од континентална Европа. Така, преводот на збирката бајки на Шарл Перо oд француски го содржи и тоа „беше тоа едно време“ (il était une fois). Истото важи и за преводот од 19 век на германските бајки на браќата Грим со es war einmal (беше тоа еднаш). Кога излегле преводите на данските бајки на Ханс Кристијан Андерсен и таму тие почнувале со der var engang.
Ваквиот почеток на бајките не е случајност, туку всушност има практична цел. Тој создава дистанца, како и хронолошка и географска неодреденост, која ја поттикнува имагинацијата и овозможува која и да е приказна да биде блиска и наша. Современ контекст на бајките би предизвикал куп прашања, а вака поставените правила (некогаш-некаде) овозможуваат поголема лежерност околу содржината на приказната и надреалните елементи во неа. Затоа што никој не може да каже со сигурност дека нешто се или не се случило еднаш, многу, многу одамна.