Големите студија не се единствените кои имаат шанса да направат адаптација на дело на Стивен Кинг. Почетниците и студентите по филмска уметност можат да искористат нешто што Кинг го нарекува „Долар бејби“ дил, кој подразбира купување на правата за само еден единствен долар.
Договорот се однесува на правата за адаптирање на еден од дваесетината кратки раскази, но под одредени услови. Имено, филмот не смее да е подолг од 45 минути и не може да биде дистрибуиран без согласност на Кинг, освен ако е за непрофитен филмски фестивал или за школски проект. Правата важат една година, што значи филмот треба да биде комплетиран во таа временска рамка, а кога ќе биде готов треба да му се испрати лично на авторот. Дополнително, не може да се добијат повеќе Долар бејби договори истовремено.
И покрај доста строгите одредби, ова е сепак од голема помош за оние кои мака мачат со собирање буџет за нивното филмско дело. Но зошто Кинг продава за само еден долар, макар и кратки раскази? Во воведот за „Бегството од Шошенк: сценариото за снимање“ од 1996 тој ја има опишано својата желба неговите раскази да бидат достапни за креативците без надомест:
Околу 1977 кога почнав да се пробивам, сфатив дека има начин да возвратам за радоста која ми ја имаат понудено филмовите. И покрај сите правни закачки кои ги увидоа моите сметководители, воведов ваква политика - ќе му дозволам на секој студент по филмска уметност да направи филм од која и да е моја кратка приказна (не од романите, тоа би било глупо), сè додека правата останат кај мене.
Еден од најпознатите кои ја искористил оваа шанса е режисерот трикратно номиниран за Оскар, Френк Дарабон. Во 1980 тој добил дозвола да го адаптира расказот „Жената во собата“. Иако му требале цели три години, Кинг бил импресиониран од резултатот. Во следните децении Дарабон го адаптираше и „Шошенк“, „Зелената милја“ и „Измаглицата“.
Ако сакате да адаптирате расказ на Кинг, обратете се тука