Смеата најчесто ја поврзуваме со задоволство или возбуда - би требало да се смееме кога е нешто смешно, а не страшно. Па тогаш, зошто понекогаш првата и навидум сосема несоодветна реакција на ваквата ситуација?
Две најпопуларни теории на оваа тема тргнуваат од претпоставката дека смеата е во основа социјална појава - кога се смееме на луѓето околу нас им пренесуваме некаква порака. Во случајов, смеа поттикната од страв или нервоза е израз на субмисивност. Студија која го проучувала ова кај приматите, објавена во списанието Етологија, покажува дека макаки мајмуните се насмевнуваат кога чувствуваат закана од доминантен припадник на истиот вид. Насмевката притоа им е придружена со телесни движења кои асоцираат на одбегнување или потчинување. Смеата во овој контекст се користи за да се признае страв и да се искомуницира желба за одбегнување конфликт.
Друга група научници верува дека смеата во заканувачка ситуација всушност претставува одрекување на страв - се обидуваме да се убедиме себеси и оние околу нас дека сè е во ред (иако очигледно не е). Докторот Алекс Ликерман во списанието „Психологија денес“ го нарекува овој механизам „зрел“ (наспроти психотичкиот, незрелиот или невротичниот). „Да можеш да се насмееш во лице на траумата во моментот кога таа се случува, или кратко време по неа, сигнализира верба дека истата можеме да ја надминеме“, вели тој.
Смеата поттикната од страв може да се стави во ист кош со смеењето кога сме среќни. Ваквите дејства ни помагаат да ги регулираме чувствата - да ги избалансираме позитивните со негативните. Во случајот со хорор филмовите, се смееме и затоа што хоророт и хуморот имаат корен во истите феномени: несовмесноста и трансгресијата, односно нарушувањето на вообичаените норми. Се смееме кога нешто не се вклопува во социјалното сценарио на очекуваното или го крши општествениот поредок. Но во друг контекст истите тие нешта можат да се толкуваат и како страшни, особено ако се „забега“ во опасни води. Како реченицата од „Кога јагнињата ќе стивнат“, кога Ханибал Лектер ќе рече: „Му го изедов џигерот со малку грав од конзерва и убаво вино“. Тоа е истовремено смешно (колку аристократски настроен човекојадец!), но и ужасно (имено, затоа што станува збор за...човекојадец).