Проклетството на тоа да си згоден актер

Зошто Редфорд не е номиниран за Оскар?

Верувам дека нема човек кој го изгледал All is Lost а да не бил сигурен дека Редфорд оваа година во најмала рака ќе биде номиниран за Оскар за главна улога, или дека можеби ќе му ја дадат и онака, без никакво гласање и вон конкуренција. Ама...

„16. јануари 2014 ќе остане запаметен како неславен датум. Секако, мислам на номинациите за Оскар кои беа објавени четвртокот наутро". Вака почнува текст во Daily Beast посветен на Редфорд и неговата најнова, антологиска улога во „Сè е загубено".

И Ендрју Романо, исто како и ние, по 20-тата минута од филмот помислил дека стариот волк може да биде номиниран за филмот, а на крајот бил и сигурен, дека тој и ќе го добие Оскарот. Причината е едноставна: филмот кој трае 106 минути е базиран исклучиво на неговата актерска способност, бидејќи освен него не се појавува ниту еден друг лик, плус - во филмот нема воопшто зборување! Загубен на неговата јахта некаде во Индискиот океан, Редфорд во борбата за опстанок покажува неверојатна сталоженост и упорност, до последно. Ви доаѓаат далечни асоцијации на Хемингвеј, старецот и морето, на бродоломникот Пи без тигарот, на Мартин Идн..но филмот е далеку од нечија копија и ве држи во неизвесност до крајот. Сето тоа заради Редфорд.

До сега Академијата го има номинирано како актер точно еднаш, за The Sting од 1973, а го има изигнорирано за сето останато - вклучително и за Butch Cassidy and the Sundance Kid, The Way We Were, The Candidate, All the President's Men и Out of Africa. При крајот на неговата кариера ќе беше навистина гест ако таа конечно се освестеше. Сега излегува дека Џона Хил има повеќе номинации од него. Аха, и вие се прашувате кој е Џона Хил?

На прес конференцијата по повод овогодинешниот Санденс пред неколку дена Редфорд, исто толку спокојно колку и соочен со тонењето на бродот во филмот, на новинарско прашање одговори дека секако ќе беше прекрасно да е номиниран, но дека не е вознемирен од тоа што не е. И ги објасни причините зошто тоа е можеби така - тоа што тој долги години не ги тинтра оние од Холивуд, тоа дека филмот е нискобуџетен и нема добра дистрибуција, или дека филмот е повеќе чисто, минималистичко кинематографско искуство отколку куп визуелни ефекти, нешто што станува карактеристично за мејнстрим американските филмови.

Но новинарот на Дејли Бист има друга теорија. Редфорд го игнорираат затоа што е - премногу згоден!

Изминтатите 86 години колку што се доделува Оскарот често се случува најсимпатичните, физички најубавите и најпосакуваните актери да не добијат Оскар. Питер О'Тул, Кери Грант, Џејмс Дин, Роберт Мичам..Дури и Пол Њумен почина со само една статуетка на полиците. Излегува дека згоден актер може да добие Оскар само ако е ЗАД камерата, како Редфорд за „Обични луѓе" или Костнер за „Игра со волците".

Или е случајно, или навистина и кога се во прашање мажите постои предрасуда дека ако се убави не можат да бидат и талентирани. Ако оваа година Леонардо Ди Каприо повторно не го добие Оскарот после четири номинации, тогаш ќе помислиме дека проклетството на имиџот на „златното момче" навистина функционира. Златните тие...

18 јануари 2014 - 12:06