Зошто ни е тешко да дочитаме книга во текот на пандемијава?

Рубрикава е меѓу другото за читање книги и една од нејзините цели е да го промовира читањето. Но што кога и оние што вообичаено сакаат да читаат едноставно немаат концентрација и енергија за тоа? Мора нешто да не е во ред. Aма што?

„Срцето си има причини, за кои разумот не знае“. Оваа реченица која му се припишува на Блез Паскал го сумира начинот на кој западната наука со векови ги дели човечките реакции на оние од „топлиот“ универзум на емоциите, и оние кои му припаѓаат на „студениот“ свет на човечката рационалност.

Но, како што станува особено очигледно во вакви кризни времиња, емоциите, особено негативните, знаат да ни ги колонизираат умовите. Емоцијата е всушност елемент на предупредување на телото, кое откако ќе го добие таквиот сигнал активира неколку структури во мозокот кои треба да овозможат заштита и опстанок.

Една од нив, амигдалата, сега станува особено значајна. Таа многу брзо се активира кога човек е соочен со закани, и меѓу другото служи за повеќе да обрнуваме внимание на таквите надворешни стимули, а да не трошиме залудно време на анализи (дали на пример нешто долго и темно во тревата е стап или змија - змија е, за секој случај). Ваквата промена на фокусот не е волева активност, туку инстинктивна, што значи дека е реакција која се одвива без наша контрола и желба.

Ковид-19 не е исто што и змија во тревата. Нашите социјални системи ни обезбедуваат каква-таква заштита, и во историски контекст ние сме подготвени подобро да излеземе на крај со сите, па и со психолошките последици на ваквите кризни ситуации.

Или барем така си мислиме.

Со оглед на тоа што пандемијата некако се завлечка, и последиците почнаа да стануваат поочигледни, иако можеби се уште не сме свесни за причинско-последичните врски помеѓу стравот од болеста и и нашите необични реакции и однесувања. Едно од нив има врска со неможноста за концентрација. Когнитивниот психолог и нобеловец, Даниел Канеман, беше меѓу првите кои сугерираа дека обрнувањето внимание е ограничен когнитивен ресурс, и дека некои когнитивни процеси си бараат повеќе внимание во споредба со други (значи „го трошат“ вниманието како ресурс со зголемен интензитет). Ова е особено случај кога станува збор за активности кои вклучуваат свесна контрола на когнитивните процеси, како читање книги или академски статии, за кои треба да се вклучи она што Канеман го нарекува „Систем 2“, ниво повисоко од вообичаеното.

Ограничениот капацитет за внимание е во фокусот на теориите кои велат дека свесните и контролирани когнитивни процеси се одвиваат во работната меморија, ментален простор кој е способен за процесирање ограничено количество нови информации. Ова станува уште потешко кога емоциите „го јадат“ вниманието. Телото и умот едноставно си поставуваат приоритети, и ако приоритетот во моментот е преживување, „работната меморија“ се доделува на таа активност а не, на пример, на споредба на преводи два македонски преводи и еден српски на „Улис“. Доколку се тераме (или едноставно мораме поради надворешни очекувања) да исполнуваме сложени когнитивни задачи во вакви околности, тогаш доаѓа до ментално истоштување и еден вид јаз, помеѓу она што емоционално од нас го бара ситуацијата и она што разумно се силуваме да го правиме, а тоа е да го игнорираме првото.

Ова беше проблем и пред пандемијата. На пример да успееш да дочиташ нешто концентрирано без да си го проверуваш мејлот секои пет секунди. Сега товарот е уште поголем. И наместо да се измачуваме со мислата дека „најдобрите“ карантински денови, кога имавме најмногу време да ги дочитаме сите пропуштени книги, го потрошивме на зјаење во празно, можеби треба едноставно да се препуштиме. Да гледаме психолошки и физички да преживееме. А книгите нема да избегаат.

извор

12 септември 2020 - 12:23