Зошто мачките реагираат на „пс-пс“?

Може да се сфати и како ретро заводнички повик по атрактивен припадник на спротивниот пол. Но се пс-ка најчесто по мачиња, кога се сака да им се привлече внимание. Дали еволутивно има врска едното со другото, тоа само еден Дарвин би знаел. 

„Пс-пс“, изговорено не како закана туку милно, е универзален звук за привлекување внимание на суштества од семејството felidae. Дали домашните мачки кои секојдневно ги храните и тинтрате потоа ќе ве удостојат со истото, тоа е друго прашање. Но дека ќе се свртат и ќе ги начулат ушите, тоа сигурно.

Како и други нивни однесувања, на пример она стоење со подотворена уста откако нешто ќе надушкаат (познато на луѓе што чувале мачки или ги проучуваат), и ова со пс-кањето нема баш некое издржано толкување. Но тоа не значи дека недостасуваат интересни теории.

Една, особено популарна, има врска со фрекфенцијата. Мачките можат да слушнат звуци кои се со повисока фрекфенција отколку луѓето, а звукот „с“ пак е со повисока фрекфенција од повеќето човечки звуци. „С“ во комбинација со „п“ прави едно ритмично стакато, кое штрчи над сето она што луѓето вообичаено го кажуваат, на кој и да е јазик.

Но ако „пс“ е различно од човечки говор, тоа пак е слично на нешто друго - на звуците кои ги испуштаат суштествата кои се потенцијален плен за мачките. Такви се високите цивкања на глувците, но и други звуци на кои мачките внимаваат, како на пример шушкање на суви лисја или инсекти, како и „пс“-кањето на мачката-мајка која чувствува опасност.

Друга теорија вели дека мачките реагираат на пс-пс бидејќи НИЕ сме ги обучиле да го прават тоа, а ние пак го правиме затоа што сме го чуле од други. Просто, ако по овој повик мачката добива јадење или галење, таа го поврзува со нешто пријатно. 

Во англискиот можна е уште една опција - мачка нагалено се вика „пуси“, а терминот велат дека бил популаризиран со песна од 1930-тите под истиот наслов од бенд наречен Лајт Краст Доубојс. Темпото е толку брзо што звучи како да викаат „пс-пс“. Ако чувате мачка пробајте како ќе реагира на неа. 

 

27 септември 2023 - 19:54