Денес со задоволство ја ислушавме првата епизода на подкастот Тантрум радио на нашиот Кирил („Храна за возрасни“), кој (фала богу) не е уште еден интервју канал без монтажа и концепт, туку фина аудио прошетка, во случајов низ историјата и современите импликации на брендот Мекдоналдс. Како тој врзува хардкор метал, атомска енергија и грејпфрути, тоа ќе мора сами да слушнете, но таа една реченица каде е спомната оваа овошка нè инспирираше да прочепкаме повеќе.
Како и голем број популарни овошки денес, и црвените грејпфрути се природна мутација која некој ја открил а потоа почнал да ја култивира. Оригиналните датираат од средината на 1920-тите и не се битни за нашава статија. Но триесетина години подоцна, интересот за нив на чуден начин се споил со оној за тогаш новата атомска радијација.
Иако светот веќе ја искусил деструктивната моќ на атомската бомба, опасностите од радијацијата се уште не биле познати. Во 1953, тогашниот претседател на САД, Двајт Д. Ајзенхауер, одржал говор во Обединетите нации под наслов „Атоми за мир“. Тој го отворил патот за обичните граѓани да користат нуклеарни материјали во нивните истражувања и експерименти. Тоа ги вклучувало и оние кои сакале да експериментираат со создавање нови видови зеленчуци и овошки.
Во 1959, британската научничка и нуклеарен ентузијаст Мјуриел Хауворт започнала „Атомски градинарски клуб“. Таа веќе била позната во филмската индустрија, поради својот изум на ран апарат за снимање наречен Толкифон. Истовремено, ја основала и ја раководела Женската меѓународна филмска асоцијација. Иако самата не била научничка, сепак ги промовирала најновите научни напредоци во различни полиња, па и атомската енергија. Објавувала списание под наслов „Атомик дајџест“ каде се сумирале најновите научни статии, книжевни рецензии и биографии на научници од полето на атомската наука, но особено била посветена на примената на радијацијата во создавање и одгледување подобри или поинакви видови од постоечките.
Самата успеала да создаде вид огромни кикирики кои не само што биле физички поголеми од обичните, туку и многу побрзо растеле од нив. На членовите на спомнатото здружение им дистрибуирала озрачени семиња од патлиџани или цвеќиња, а истите ги праќала и во Европа. Интересно е што успеала да го убеди Ајнштајн да биде покровител на нејзиното здружение, а негов член можело да се стане ако се купи нејзината книга „Атомско градинарство“, како и одредено количество од спомнатите семиња.
Во тоа време индустријата на црвени грејпфрути доживувала опаѓање поради тоа што расадите од 1920-тите губеле боја и станувале помалку слатки (а со тоа луѓето веќе и не ги купувале). Инспирирани од идеите на атомското градинарство, сопствениците на ваквите плантажи почнале да експериментираат со гама зраци. Во 1971 токму нивната употреба успеала да доведе до култиварот „Стар Руби“, најцрвен на пазарот. Четиринаесет години подоцна бил развиен Рио Ред, уште поцрвен од претходниот. Во последниве 20 години, одгледувачите ги имаат комбинирано Стар Руби и Рио Ред во Рио Стар, варијанта која денес доминира во овоштарниците на Тексас.
Но не се плашете дека јадењето на ваквите овошки ќе ве претвори во Халк. Гама зрачењето е контролиран процес кој не го прави самото овошје радиоактивно, туку едноставно создава генетски диверзитет од кој потоа се бираат најдобрите особини.