Зошто е тешко да послушаш совет?

Во древниот индиски еп Махабхарата се опишува конфликт помеѓу две групи кралски наследници. Богот Кришна ги предупредува дека планираната војна ќе води до целосно уништување на обете страни и се обидува да воспостави мир. Лидерот на едната фракција не го послушува, војната започнува со 4 милиони војници. По 18 денови само 11-мина од нив преживуваат. 

Зошто никој не го послушал Кришна, кога овој во древниот еп „Махабхарата“ се обидел да спречи огромно крвопролевање? Човечката историја покажува дека ваквата ситуација е прилично честа, без оглед дали станува збор за совет даден од Бог на луѓето или од некое помудро човечко суштество на друго. Некој има проблем, ви бара совет и вие му го давате. Советот е прагматичен, човечки, корисен. Но на крај тој сепак е ингориран - зошто?

Точно е дека советите понекогаш се тотално промашени или недоволно информирани. Ова често го сфаќаме ретроактивно и сме среќни што некој не послушал некој совет - на пример оној кој во 1962 му бил даден на претседателот Кенеди од неговите советници, кои сите предлагале воздушни напади на советските ракетни инсталации на Куба. На интернет луѓето мислат дека човек треба да се разведе, веднаш, за пропусти од типот „заборавил да купи шампон на враќање дома“. 

Можеби луѓето ги игнорираат нашите совети затоа што не ги разбираат. А за да ги разберат треба да се случи некој преломен „аха“ момент, кога она што било кажано конечно доаѓа во свеста, со каење дека не било послушано порано. Советот тогаш можеби дошол прерано и паднал на неплодната почва на игнорирањето и недоволното согледување на ситуацијата, која е појасна за некој од надвор отколку за оној што го живее проблемот. Има и елемент на когнитивна предрасуда - нашите мозоци често прават да не разбираме совет кого не сакаме да го послушаме. „Те експлоатираат на работа, најди нешто друго“ е лесно да се изговори, но во реалноста ваквите промени не се едноставни и бараат или храброст или стигнување до дното за да се направи потребниот чекор. 

Можеби она што би ни помогнало нам не му помага на оној кон кого му го упатуваме советот, поради различна животна сиутација, табиет и други околности. Се нервираме зошто нè не послушува кога нештата се навидум толку едноставни, но ние не сме тој. Или затоа што некој ја нема нашата одлучност и енергија потребна за следење на советот (на пример намалување килажа), а не може туку-така да го отфрли добриот совет за намалување калории и вежбање само со едно „ме мрзи“. Полесно е да се клима со главата и потоа да не се стори ништо во врска со тоа. 

Ако прашате доволно луѓе за совет, шансата дека некој ќе ви го каже точно она што го мислите е прилично голема. Потребата за валидација на постоечко убедување (а не добивање реален совет, кој ќе се смета за корисен дури и ако е тотално спротивен од нашиот став) е уште една причина зошто луѓето (вклучително и ние самите) не следат совети. Или, уште подобро - кога советот дава резултат, тогаш ретроактивно не го ни толкуваме како совет, туку како нешто што самите сме си го одредиле како стратегија. На крајот на краиштата, кога последен пат сте заблагодариле некому за добар совет?

извор

18 јули 2024 - 20:35