Зошто духовите викаат „буууу!“?

Луѓето имаат извикувано „буу“ или верзија од истото, за да ги уплашат другите, од средината на 16 век. Ама духовите? Изгледа дека тие малку подоцна ја научиле финтата.

Етимологијата на „буу“ (boo) не е прецизна. Оксфордскиот речник на англискиот јазик го споредува со латинското boare или старогрчкото βοᾶν, со значење „извикување, дерење, врескање“. Постарите речници сугерираат дека тоа е можеби ономатопеја која го имитира мукањето (бу-кањето?) на кравите. 

Без оглед на потеклото, зборот добил малку понаква нијанса на значење пред неколку стотина години. Boo, bo или bu во англискиот не било користено за да се уплашат присутните, туку за да се соопшти сопственото присуство. Шкотска поговорка во таа смисла вели - „Тој не може да ѝ каже 'бу' ни на гуска'“, што со други зборови значи дека некој е премногу срамежлив и без самодоверба. 

Но со текот на времето „бу“ почнало да станува пострашно, особено затоа што самата негова фонетика има потенцијал да произведува отсечен и гласен звук. Записи од 1738 година укажуваат на тоа дека „бу е збор користен во северна Шкотска за да се плашат расплачените деца“ (под веројатна претпоставка дека стравот ќе ги натера да престанат).

Бу бил додаван и на различни зборови кои опишувале нешта кои се случувале ноќе. Оттаму и „бу“ во коренот на „бугимен“, односно зол лик кој е подготвен за секакви насилства и бељи. Било само прашање на време кога духовите ќе се вметнат во оваа морничава толпа бу-ликови.

Ова е всушност штета, затоа што пред 18 век, за духовите се верувало дека се елоквентни, понекогаш шармантни ликови, кои знаат да се изразуваат и на висок книжевен стил. Оние кои се појавувале во делата на грчките драматурзи Европид и Сенека ја вршеле значајната работа на рецитирање на прологот. Но до средината на 1800-тите книжевните духови изгледа го загубиле интересот да зборуваат во довршени реченици. Еве како изгледа дијалог помеѓу човек и дух од „Панч и Џуди“, драма од 1863. 

Дух: Бу-ууу-ууу.
Панч: A-a-a-aх!
Дух: Бу-ууу-ууу.
Панч: Оф леле! Оф леле! Сака да ме грабне! 
Дух: Бу-ууу-ууу.

Не е ни чудо што „бу“ станало популарно во средината на 19 век. Ова е времето на спиритуализмот, широко распространета културолошка опсесија со паранормалните феномени, видовитите и „медиумите“ кои помагале во комуникацијата со мртвите. Сериозни научници пуштале електрични шокови низ телата на умрените за да видат дали е можно да ги реанимираат; читателите биле вовлечени во готичка фикција; британските полицајци постојано биле повикувани поради наводни духови на гробишта. Дел од нив биле имитатори покриени во бели чаршафи кои ако изговореле нешто повеќе од „бу“ веројатно би биле препознаени. 

Помогнало и тоа што „бу“ во коренот е шкотски збор, бидејќи голем дел од традициите на Халоуин, како резбарењето тикви, во Новата земја биле пренесени од келтски имигранти. Шкотска била голем извезувач на луѓе во средината на 1800-тите, и веројатно токму благодарејќи на шкотско-ирската дијаспора „бу“ станал дел од речникот на духовите. 

извор

31 октомври 2024 - 08:31