Тоа е првата песна испеана (главно) на шпански која се најде меѓу 100-те најпопуларни на Билборд, по „Макарена“ од 1996. Го зазеде првото место на топ-листите во 45 различни земји, од Австрија до Јапонија и Уругвај. Видеото кое не содржи ама баш ништо иновативно собра три милијарди гледања на Јутјуб. Неверојатно гледани се и видеа во кои луѓе играат на песната (како она со девојчето кое тоа го прави среде улица или во супермаркет, кое собра 69 милиони гледања). Најстриманата песна НА СИТЕ ВРЕМИЊА, прв пат објавена во јануари од Луис Фонси и Деди Јенки, „Деспасито“ („Бавно“ или по наше - кроце), дефинитивно е песна на летото 2017.
Ама зошто?
Кога лани албумот на Дрејк One Dance постигна рекорд на стриминг на Спотифај, критичарите се обидоа да го објаснат овој успех со комбинација на суперстар рапер, глобализираниот звук на материјалот, и мешавината на британски поп од 90-тите, афробит и јамајкански денс влијанија. Ваквата - во основа - турлитава тие сметаа дека привлекува „публика вон јадрената демографија на рапот“.
(„Силувањето на Персефона“ од Бернини, 17век, со стиховите на Деспасито)
Колку и да не звучи софистицирано, „Деспасито“ ги содржи речиси истите клучни елементи. Песната е комбинација на стилови (традиционална гитара, мешавина на латино и мејстрим поп, рап стихови и заразна мелодија), а пак шпанскиот на кој се пее го дава посакуваниот „глобализиран“ звук. Изедувачите Фонси и Јенки веќе се едни од најпознатите латино ѕвезди во светот, плус појавата на Џастин Бибер во ремиксот кој излезе во мај, која овозможи постигнување на мејнстрим популарност (а тоа што Бибер на турнеја ги забораваше стиховите само помогна во нејзиното популаризирање, иако и без него ќе поминеше добро).
Но „Деспасито“ има и куп елементи кои работат против неа. Додека One Dance беше оценета како нешто што е доволно неодредено за да може да се слуша на рипит во позадина, добра за џогирање или за возење, од оваа шпанскава не може да се изолираш, со тоа дрндањето, преклопувачите мелодии и тешкиот ритам.
Во основа, песната одвраќа внимание, што за некого е добра, а за други лоша вест. Како што вели коментаторка на Њу Стејтсмен, тоа е „ушен црв“ кој си го пробива патот до умот и без твоја согласност те тера да мислиш на сонце, песок, пот и секс, додека кмишиш на дождлив ден во канцеларија, некаде во Финска. И тоа без да знаеш ни збор шпански, што е и добро, затоа што можеш да си замислуваш дека луѓето пеат за нешто посуптилно од:
„Знаеш дека срцето ми чука бум бум
Знаеш дека цуцата си го бара бум бум
Дојди пробај ми ја устата да видиш каква е..
Сакам да ти ги минам опасните зони
додека не почнеш да вриштиш“
(* патем, најнова вест е дека стиховите се забранети во Малезија заради опсценост и асоцијација на силување)
Сепак, песната надминува генерациски и културни бариери, освен хормонални изливи не содржи повици за нечие истребување или хејт, инспирира куп мемиња и цепки звучни монтажи (тука Трамп ја „пее“ Деспасито), и генерално не прави некоја голема штета. Па што сакате повеќе од еден летен хит?
Претходно: Вирусот наречен летен хит