Расказот „Пејачите“ од Иван Тургењев е објавен во 1850 година, дел од циклусот „Записи на еден ловец“. Се случува во селска крчма во местото Колотовка, некаде во руската провинција, каде се собираат селани, патници и секакви намерници, со прекари како да се од битолската чаршија. Газдата, Николај Иванич, некогаш тенко момче со виткана коза и розови образи, сега повеќе личи на мечка, со дебело лице, лукави но сепак добродушни мали очи и сјајно чело. За да се разбие досадата, гостите организираат натпревар во пеење меѓу двајца мажи. Едниот, под име Дикиј Барин или Дивиот Земјопоседник е самоуверен, вешт и технички поткован пејач, кој настапува сигурно и со ефект. Другиот, наречен Јашка (Јаков) Турчинот, е скромен, повлечен и на прв поглед не толку впечатлив.
Но кога почнува да пее Јашка, атмосферата во крчмата целосно се менува. Неговиот глас е длабоко емотивен и искрен. Песната не е само демонстрација на техника, туку израз на болка, копнеж и душевна длабочина. Слушателите се трогнати до солзи, чувствуваат нешто возвишено и вистинско, како да се открива суштината на руската народна душа. Иако натпреварот формално има победник, суштината на расказот не е во дуелот, туку во моментот на заедничко духовно воздигнување што го поттикнува песната. Расказот е тивок, лирски и длабоко хуман, а преку едноставна ситуација открива колку уметноста може да го разоткрие човечкото достоинство и душевната длабочина.
Новиот филм на Сем А. Дејвис „Пејачите“, номиниран на овогодинешните Оскари во категоријата краток филм, ја пресликува оваа атмосфера, но во крајпатна американска кафана. Снимен е на 35мм за да додаде топлина на приказната, а музиката е снимена во живо на сетот. Најголемиот дел од актерите се натуршчици, ранети и истоштени. Помеѓу нив се замешани и познати фаци како Џуда Кели, кој победи во шестата серија на Гласот на Австрaлија во 2017. Можеме да се обложиме дека го видовме и Сем Елиот, ама неговото име го нема на ниту еден список поврзан со филмот. Режисерот вели дека сакал да се надоврзе и на разговорот за епидемијата на машката осаменост и предизвикот да се отворат и емотивно соголат пред други.
Погледнете го филмот а потоа прочитајте го и расказот (дојавете ако знаете за верзија на македонски).